Во сабота по повод големиот национален празник „11 Октомври“ по 17 пат во Прилеп ќе се случи еден навистина огромен спектакл, „Tuning car show Prilep“. Тука со мене е Марјан Ристески кој е претседател и организатор на целата оваа манифестација и со кого ќе поразговараме околу овој настан.

Пред да започнеме со интервјуто и целиот тој настан, да ни објасниш што и како ќе се случува, морам да кажам дека тука денес дојде со оваа твоја убавица која што навистина е прекрасен автомобил.
Ристески: Благодарам.
Колку време го поседуваш и колку време требаше да го направиш ваков каков што имаме можност да го погледнеме?
Ристески: Моментално овој автомобил го имам веќе 7 години, од кои 3 години се вози по нашите улици во нашата држава, а воедно и низ цел Балкан е возен овој автомобил. Составуван е веќе 4 години за да изгледа вака како што е сега во моментов.
Колку е стар?
Ристески: Овој е произведен 1995 година.
Овие делови што се на него, од каде се набавувани, од Македонија, од странство?
Ристески: Овие делови се набавувани од цел Балкан, од секаде, но претежно од странство, бидејќи овде кај нас веќе ги нема овие коли и овие делови за неа ги нема. Најмногу користиме од Грција, но и од другите соседни земји.
Практично секое штрафче, секој дел од оваа кола си има своја приказна.
Ристески: Да да, тоа е точно, така е и е составувана како лего коцки.
Не верувам дека некој што го гледа ова интервју не би сакал да погледне како изгледа возењето во еден ваков автомобил. Дали може да им го пружиме тоа задоволство на нашите гледачи.
Ристески: Да секако, да погледнеме.
Пред да влеземе во автомобилот само сакам да те замолам да го слушнеме оној познат звук на спортско модифицираните возила како за старт на ова интервју.
Ристески: Ајде, веднаш.
Ова е тоа што се бара да се слушне.
Ристески: Влеговме во прекрасната хонда како што може да се забележи, го извадовме и кровот за подобро чувство додека го правиме ова интервју. Може да тргнеме.
Марјан како започна со ова хоби кое е навистина необично?
Ристески: Ова хоби го започнав уште од мали години, но секогаш идејата ја имаш да си направиш нешто, кога го замислуваш да го оствариш, а тоа е еден неостварен сон кој за тебе значи многу како некое постигнување и достигнување во својот живот.
Колку години се занимаваш со спортско модифицирани возила?
Ристески: Со спортско модифицирани возила се занимавам уште од самиот почеток кога положив за возачка, од мојата 18 година.
Колку вакви автомобили си имал досега?
Ристески: Па имам сменето преку 7-8 автомобили како оваа, средени, скоцкани, дотерани, нашминкани и убави за око.
Кој ти бил најдраг досега?
Ристески: Најдраг секогаш е првиот автомобил што си го составувал, тој бил почетокот. Тоа беше фиат браво во 1997 година, тоа го собирав и исто така го направив интересно и убаво. Но сега нормално најатрактивно е ова возило кое го поседувам.
Како што кажавме, на 11 октомври тука во градов ќе се одржи навистина еден спектакл во кој ти навистина премногу се вложуваш, а тоа е Тјунинг кар шоуто, една манифестација која навистина не може секојдневно да се види на прилепските улици.
Ристески: Да, тоа е точно, кај нас во нашиот град се одржува и го организираме веќе по 17 пат мојот клуб и мојата екипа. Правиме една добра забава која ќе биде проследена од многу гости кои ќе дојдат од странство, од нашите соседни земји, Грција, Албанија, Бугарија, Србија, имаме и од Турција гости кои ќе дојдат специјално за нашето шоу да ги претстават нивните убавици, нивните автомобили.
Дали ќе има награди?
Ристески: Да, шоуто ќе биде проследено со 130 пехари кои ќе бидат доделени во различни категории, а тоа се во категории олдтајмери, категорија за џипови, категорија за спортски модифицирани возила како моево кои се надвор од нивната природа, дотерани со многу ефекти, и луксузни коли кои се малку необични за секојдневието, односно самите колку се многу скапи и луксузни.
Колку е тешко да се организира една ваква манифестација?
Ристески: Ваквата манифестација е стварно тешка во денешно време, со моменталниве услови во нашата држава, се прави нешто да се направи од никаде настан, ама ние со помош на нашите спонзори и сите драги почитувани спонзори ни даваат престиж да направиме поголема забава во нашиот град, од која можеме да направиме голем успех и настанот да биде ваков каков што ќе биде на самиот ден, на 11 октомври со многу посетеност и многу љубов.
Овие автомобили повеќе се за брзина, или повеќе се за уживање?
Ристески: Овие автомобили се повеќе за уживање, бидејќи кај нас не можеме да имаме многу брзини, веќе казните се ригорозни, мора да внимаваме на самите патишта и сами да се штитиме на самите патишта.
Се употребуваат ли за трки, или само за вакви настани?
Ристески: Некои ги употребуваат за трки, но ги користат на драг, а кај нас за жал во државава немаме такви драгстер стази. Сепак некогаш би можело како предлог да се направи, бидејќи во цел свет постојат тие драгстер стази, да видат луѓето колку им се спремни колите, какво достигнување можат да направат со нивното возило.
Колку често одите вие во странство на вакви настани?
Ристески: Оваа година бевме на веќе 15-16 собири во нашиве соседени држави, имаше повеќе во Србија, скоро цела Србија имаше настани, а бевме и во Грција, во Албанија, Бугарија бевме исто така. Имаме клубови со кои сме збратимени и со кои другаруваме на сите собири.
Кога ќе се споредиме ние со нив што ни недостасува?
Ристески: Убаво прашање. Кај нас ни недостасува енергијата која ја имаат тие, каде зад еден собир или настан да се направи застанува и државата за да биде поубаво и покултурно, во пошироки размери, за да може да си дозволиме на сите гости кои доаѓаат кај нас, како ние што одиме, да биде настанот богат.
Колку често го возиш овој автомобил низ прилепските улици?
Ристески: Овој автомобил многу ретко го возам низ прилепскиве улици, бидејќи не можеш секојдневно да ја возиш, колата е ретка и не е секојдневна. Не возам секојдневно, бидејќи не е интересно секој ден да ја возиш.
Сега се наоѓаме на местото каде на левата страна е плоштадот „Методија Андонов – Ченто“, а од десната „Александрија“. Токму тука ќе биде центарот на случувањата. Колку од прилика очекувате да се исполни овој дел на градот со автомобили?
Ристески: Ланска година го покривме целиот плоштад, годинава мислиме дека ќе биде дупло зголемена бројката од посетители од цела Македонија, но и од странство како што реков.
Да те прашам, даваш на некој да сврти по едно кругче овде со колата?
Ристески: Возилово само јас го управувам, бидејќи на кого и да му го дадам да го управува тешко дека може да го вози, тоа е еден вид на навика, каде јас си го возам возилото на мој начин на возење, бидејќи другите или даваат премногу туража, го форсира возилото. Кај мене има и малку почит према колата, за да може да возам подолги стази.
Значи ништо од желбата да завртам едно кругче низ центарот на Прилеп.
Ристески: Сега доколку направиме некој договор би ти ја дал, но сепак не.
Сепак не се дава автомобил на никого.
Ристески: Не, никако.
Марјан ти благодарам за издвоеното време за ова интервју и се надевам дека ги привлековме љубителите на автомобилизмот за овој настан да бидат присутни тука во Прилеп и уште еднаш еден апел до сите љубители на спортско модифицираните возила, олдтајмерите, луксузните возила, во сабота на 11 октомври сите патишта ќе водат тука во Прилеп, така да доколку сакате да бидете дел од ова шоу дојдете порано да си фатите место, да се паркирате и да уживате во целиот спектакл што ќе се случува тука.