ВИДЕО- М. Брод го има најуникатниот начин за одбележување на Велигден – обичаите „Велигденски Кули“ и „Покрсти“




„ Чувството да се биде дел од овие Велигденски Кули во нашиот град Македонски Брод е нешто највозвишено што може да се случи, за нас поготово за граѓаните на Македонски Брод. Јас како учесник во Кулите сум од 1994 година, првите 3 години бев во горниот ред како помлад, полесен, а сега сум во долниот дел, кај стабилните мажи, кај што го означуваме сето она што треба да го пренесеме на нашите потомци“,  истакна Давор Тримчески, учесник во годинешните Велигденски Кули.





Ова е народниот обичај Велигденски Кули. Најуникатниот начин на одбележување на вториот ден од Велигден во цела Македонија, а кој се случува во Македонски Брод. Два реда од мажи, вкупно 10 мина, по 5 мина во првиот и 5 мина во вториот ред тргнуваат од црквата Успение на Пресвета Богородица и одат така качени еден на друг се до местото кое се вика Сред село.

Но пред да се случи оваа кулминација на одбележувањето на вториот ден од Велигден, има ред други настани кои се исто така бренд за Поречието. Денот започнува рано изутрината со Литија на сите 4 страни од М. Брод, црковен обичај кој се вика Покрсти.

„На 4 страни од градот, на 4 одредени даба, на претходно обележан крст на дабот се отвора една дупка со сврдел која го симболизира гробот во кој беше положено телото христово. Потоа во самата дупка се става леб и вино, кои ги симболизираат телото и крвта христови. Потоа тој отвор се запечатува и како што Христос воскресна на третиот ден после запечатувањето на гробот, така и дабот како што дава нов живот во пролет, дава една симболика на христовото воскресение“, изјави отец Саше Костадиноски, Архиерејски намесник.




Во исто време пак во Домот за култура се одржува изложбата „Велигденско јајце“ на која свои ракотворби изложуваат учениците од Македонски Брод, од основното и средното училиште како и најмладите од градинката.

„Мора да го негуваме фолклорот, доколку не го негуваме фолклорот ние немаме буквално ништо, така да традицијата и обичаите во Македонски Брод кои се негуваат се од особено значење. Еден од најзначајните денови е втор ден Велигден кога се носат тие Велигденски Кули и имаме доста посетители од доста градови во Македонија, така да можам да кажам една од најголемите манифестации во нашиот град која се одржува и е од огромно значење за нашиот град. Од различни места, од различни краишта во Македонија доаѓаат посетители во голем број, така да можам да кажам дека Македонски Брод живее за овој ден“, кажа Жарко Стојкоски, директор на Домот за култура во М. Брод.

 По презентацијата на изложбата пред Културно уметничките друштва кои ги има повеќе делови на Македонија се доделуваат благодарници и следува нивното дефиле од Домот за култура до црквата Успение на Пресвета Богородица, каде се одржува нивниот концерт и претставувањето пред публиката.

Значи оваа година е јубилејна за КУД „7 Септември“ кои се домаќини на оваа манифестација, одбележувате 45 години постоење?

 Да, КУД „7 Септември“ оваа година одбележува 45 години постоење, постои од 1981 година па се до денес и функционира без престан.

 Колку членови броите?

Моментално друштвото брои 70-тина членови во кои има оркестар и вокална група, како и деца од сите генерации. Во КУД „7 Септември“ има многу млади членови, од 5 години па се до 20 години се нашите категории на играорци и се надеваме дека уште повеќе ќе се наголемува бројот на друштвото.

 Кои се идните планови на КУД „7 септември“?

КУД „7 Септември“ оваа година ќе земат учество на сите манифестации низ државата, се надеваме доколку имаме можност ќе одиме и некаде надвор од државата. Оваа година на нашиот патрон празник ќе организираме концерт по повод јубилејот на КУД „7 Септември“, изјави Даница Ацкоска, раководител на КУД „7 Септември“.

 

 

Зошто македонскиот фолклор и песна, што е она што ве привлекува кај овој вид на музика?

Пред се тоа што е добро да се зачуваат старите обичаи, игри и ора и ние сме тука за да го задржиме тоа и да го пренесеме на идните генерации.

Колку време си член на друштвото КУД „7 Септември“?

Па околу 7 години.

Како влезе во овие води на фолклорот, традицијата?

Јас имам поголема сестра, Матеја Секулоска и таа уште од мала одеше на играорна и дека јас ја гледав неа почнав и јас да одам и така продолжив со играта и орото.

Има доволно млади од Македонски Брод што сакаат да ја продолжат

традицијата?

Па има доста млади членови, дури имаме членови и од по 5 години, и тие многу сакаат да ја продолжат традицијата“, додаде Евгенија Секулоска, членка на КУД „7 Септември“.

 

 

„Искрено јас многу ги молев моите родители, дури имав и голема желба и сакав да стекнам повеќе пријатели за да се дружам. Многу ги сакам традицијата и ората.

Какво е чувството кога ќе се качете на бина и ќе го слушнете звукот на тапанот, на зурлата, на оние народни инструменти кога ќе започне таа музика?

Искрено многу е убаво и се осеќам пријатно, иако малку трема некогаш имаме, но тоа сето поминува после некое време“, посочи Стефанија Србиноска, членка на КУД „Брвеница“ од Брвеница“.

 

 

„Ние како културно уметничко друштво веќе 12-13 години настапуваме на оваа манифестација Велигденски кули и сме задоволни од досегашната соработка со КУД од Македонски Брод.

Колку младите го негуваат денес фолклорот, колку членови имате како друштво, а пред се млади?

Во нашето друштво моментално членуваат околу 86 души, од кои околу 45 се од 7 до 13 години, другите се повозрасни до 20 години.

Што значи тоа за друштвото, за постоењето, за зачувувањето на нашата традиција?

Ние моментално вежбаме со нашите деца, имаме кореограф кој редовно работи, задоволни сме од досегашните настапи, од младите категории на јуниорки и сениорки. Поголем дел се од женскиот пол, мал дел имаме и машки, машките помалку го негуваат фолклорот, женските во секое време се тука“, додаде Александар Веселиноски, КУД „Брвеница“ – Брвеница.

Радува фактот што најголем дел од овие членови се млади, што пак дава надеж дека нашиот етнос, традиција, музика и култура нема да замре.

„Нашиот ансамбл за фолклор „Гоце Делчев“ од Битола ќе се претстави со кореографијата „Беломорски бранувања“, а вториот ансамбл фолклорен центар ансамбл „Божилак“ со фолклорните групи Добрушево, Дедебалци, Мусинци и Ношпал, ќе се претстават со кореографијата „Егеј“. Покрај тоа, како што најавивте ќе бидат и групата на тапанџии и зуралџии и ќе се претставиме уште со оркестарот за традиционални инструменти“, рече Бранко Жежовски, претседател на ансамблот за фоклор „Гоце Делчев“ од Битола.

 

„Во Демир Хисар како општина и воопшто во нашето културно уметничко друштво има традиција фолклорот како дејност. КУД „Илинден“ од Демир Хисар функционира во рамките на домот на културата веќе 34 години официјална бројка, инаку претходно си постоеле фолклорни друштва на целата теротирија на општината, односно во секое населено место си имало посебно друштво. Во 90-тите години сите тие друштва се соединуваат во едно и го формираат КУД „Илинден“ од Демир Хисар. Во моментот 182 деца членуваат во друштвото.

Навистина импозантна бројка.

Навистина голема бројка за така мало место од каде што доаѓаме. Како што реков има традиција, фолклорот е значаен не само за Демир Хисар, туку воопшто за Македонија, за нашата татковина“, истакна Славчо Вејланоски, директор на Дом за култура Демир Хисар.

Пред да се изнесуваат Кулите се одржува уште еден традиционален уникатен обичај наречен „Каленчица“ кој исто така е единствен во Македонија. Членовите од КУД „7 Септември“ од овој град со марами прават величенствен шпалир каде целото население што во моментот е во дворот на црквата за бериќет, здравје, среќа поминува под марамите.




Потоа започнува подготовката за Велигденските Кули. Кулите имаат своја симболика и го претставуваат османлиското 5 вековно ропство. Имено Броѓани славењето на Велигден со пари си го откупиле од султанот. Но Асан бег кој бил надлежен за овој реон, сепак не им го дал првиот туку да го слават само вториот ден од Велигден. Но за ја покажат својата итроштина жителите ги измислиле Кулите. Кулите се симбол за македонскиот непокор. Затоа 5 мина се долу, за 5-те века ропство, а 5 мина горе. Долниот ред на луѓе во кулата ги претставуваат Османлиите, а горниот Македонците, кои сепак победуваат. Стојан Димоски – Тоше е еден од оние постари жители на М. Брод кој Кулите го потсетуваат на неговата младост.

„Во близина на црквата на 15-тина метри се правеа кули од 3 генерации, тоа го викавме Терзиоското гумно. Млада генерација, средна возраст и постара генерација, во 2 реда, 5 души долу, појаки мажи и момчиња, а горе полесни, затоа што патеката на кулите одеше од ридот до Стаменковското гумно. После тоа имаше музичка група од Кичево што ја викавме „Ќорото“, а главен на таа група беше Рамче Ќорото.

Што се прави за време додека се движат кулите, како се чува за да не падне кулата, дали има некаква техника во самото одење, во самото носење?

Во самото носење има, сега има нова патека изградена со бехатон плочки, порано исклучиво се одеше по ридот каде беше голема стрмнина и долниот ред, а и горниот имаше луѓе кои ги придржуваа, бидејќи можеше да се случи да падни некој.

Дали има некое значење ако падни кулата?

За тоа искрено не се сеќавам дали имаше значење, но имаше случаи кога некој ќе падне, но многу ретко.

Колку кули се правеа?

Три кули од различна возраст.

Значи секоја година од 3 генерации, по 3 кули.

Да така беше тогаш, сега гледам една до две се прават“, потенцираше Стојан Димоски – Тоше, жител на М. Брод.

Годинава имаше 2 Кули. Кои се движеа по истата оваа паатека од црквата до местото викано Сред село.

„Учествувам 5 пат по ред, чувството е прекрасно, секој би сакал да учествува во оваа традиција. Има многу заинтересирани млади, но не треба да се плашат, треба да пробаат, не е ништо посебно тешко. Треба силни луѓе, стабилни и сложни“, вели Давид Дукадиноски, учесник во годинешните Велигденски Кули.

 

„Треба да се држиме сите заедно, ако се пуштиме пошироко не бива, мора да не се шири кулата. Сите се млади, јас сум најстар со 59 години“, Давид Дукадиноски, учесник во годинешните Велигденски Кули“, вели Роберт Маркоски, учесник во годинешните Велигденски Кули.

 

„Велигденските кули се брендот на општина Македонски Брод, но и брендот на Македонија. Ние како локална самоуправа активно ги поддржуваме и настојуваме да бидат дел од туристичката мапа не само на Република Македонија, туку и надвор од неа. Велигденските Кули се брендот на Македонски Брод, зборуваат за историјата, за минатото, но и за нашата иднина. Поречаните секогаш биле симболот на слободата, како што низ годините се покажувало тоа“, Жарко Ристески, градоначалник на М. Брод.

Целиот овој настан и целото ова одбележување е поддржано од Министерството за култура, Општина Македонски брод и црквата Успение на Пресвета Богородица од овој град.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира