„Момина солза“ – шеста по ред книга на Билјана Тинтоска – 19 раскази инспирирани од животот, верата, надежта и љубовта


Во холот на СОУ „Ѓорче Петров“ Прилеп се одржа промоција на новата збирка раскази „Момина солза“, шеста по ред книга на авторката Билјана Тинтоска. Збирката е осмислена како букет од деветнаесет раскази со различна тематика, произлезена од искуството и лично и општочовечко, проблеми, искушенија, препреки но и радости со кои сите секојдневно се среќаваме и се бориме, соочувајќи се со животот. Низ расказите дефилираат ликови, кои се со нас, во нас, меѓу нас, околу нас, ликови кои чувствуваат, сакаат, паѓаат па се борат, се надминуваат себе си за да си го подобрат квалитетот на духовниот човек во себе, ликови кои се борат со своите пороци, со своето его и кои спасот го наоѓаат во средбата со себе, со ближниот и со Бога, со љубовта – онаа жртвената.

 

 

 

Промоцијата беше посветена на учениците матуранти кои авторката, како професор по македонски јазик и литература, ги води и ќе ги испрати во животот, со пораки кои ќе им обезбедат квалитетна база за светла иднина. Бројот на расказите е симболичен и се совпаѓа со бројот на годините што ги имаат нејзините матуранти. А нам, на нејзините читатели, ни ги подарува своите раскази како китка момина солза, со многу љубов!

 

 

Збирката носи пораки што му овозможуваат на читателот да направи рамнотежа меѓу духовното и телесното, да оствари средба со себе, со својот ближен и со Бога. Расказите се инспирирани од животот, од житијата на светителите, од верата, од надежта и љубовта. Преку нив авторката ни дава поттик да ја негуваме во нас секогаш светилката на љубовта ,,нека првка, нека светка, од неа ќе се запалат свеќичките на надежта и верата “.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира