Во Kрушево по седми пат се одржа Macedonian 4×4 Trophy, кој слободно може да се каже дека е најадреналинскиот настан за 2026 во Македонија. Четири дена „грмеше“ крушевската корија, превртување на возила во реки, возење низ крајно непристапни предели, поминување низ блата, возбуда на максимум. Со еден збор спектакл кој ретко може да се види. Организатори веќе седум години се членовите на клубот OFFROAD 4X4 PRILEP.
„Теренот во Крушево е доста солиден за овој настан, тука имаме натпреварување во блато, по камен, височини, спустови, сето тоа ни го дава овој преубав предел на Крушево. Нашите натпреварувачи секогаш, секој ден од настанот, ги прашуваме околу патната книга, роудбукот, дали е се точно, дали е се во ред? Засега се задоволни се надевам дека овој настан ќе го поминиме како што треба. Нема да имаме никакви проблеми, сите ќе бидат испратени во најдобар ред. Околу трките кои ги подготвуваме ако ги споредиме со другите држави, како Србија, Босна или Црна Гора ние го имаме истото ниво, а можеби сме и подобри во некои делови. Стазите се многу тешки, возилата треба да се испитаат во однос на тоа што го дава планината. За некој од натпреваручите теренот можеби е полесен, но за добар дел е доста тежок. Секој ден се вози по различна патека, секој терен е во различна насока“, истакна Игор Трајковски, претседател на клубот OFFROAD 4X4 PRILEP.
„Оваа година имаме натпреварувачи од доста држави, имаме за прв пат натпреварувач од Полска и сме премногу задоволни бидејќи не посетувааат надвор од Балканот. Имаме натпреварувачи дојдено за прв пат од Црна Гора, доста успешни дечки кои имаат поминато доста трки низ Балканот. Потоа имаме редовни натпреварувачи од Грција и доста, доста натпреварувачи од Бугарија, кои секоја година се се поуспешни и подобри и ги има во се поголем број. И секако тука се нашите натпреварувачи од Македонија. Наградниот фонд секоја година се обидуваме да биде се подобар и поголем. Имаме доста парични награди и награди во опрема потребна за овие возила. Наградите се поделени во класи, имаме награден фонд еден за челенџ класата еден за адвенџр класата“, додаде Андреј Ристески, член на клубот OFFROAD 4X4 PRILEP.
Организаторите велат дека овој спорт не се практикува за пари или за заработување туку исклучиво од љубов. Иако скап спорт, со скапи возила, сепак кој доколку немаш желба за него нема да можеш да бидеш offroad возач.
„Овој спорт и оваа трка како е настаната и сите слични трки на Балканот се настанати од љубов. Сите купуваме возила од љубов кон планината, кон спортот, кон адреналинот. Прво возиш рекреативно, па настанува тркачко возило, па поспремно, па ајде да пробаш некоја трка, прво послаба, па потоа поголема и настанува ваков настан. Ова е еден од убедливо подобрите настани на Балканот од ваков тип. Тркачите се секоја година се поуспешни и подобри“, истакна Андреј Ристески, член на клубот OFFROAD 4X4 PRILEP.
Бидејќи голем дел од странските учесници се веќе редовни посетители на ова trophy организаторите мора секоја година да ги менуваат стазите и да ги прават се потешки и потешки. Теренот пред да заполне натпреварот се подготвува со месеци. Дури има и ноќна етапа која е можеби една од повозбудливите трки од овој настан.
„Имавме ноќна етапа сериозни тешка, тежок терен, врнежи, но поминавме во најдобар ред. Ноќната етапа ја поминавме број еден, сите возачи се вратија“, додаде Игор Трајковски, претседател на клубот OFFROAD 4X4 PRILEP.
А најинтересниот момент кој докажува дека се е за љубов докажува тоа што дефектите на возилата се поправаат на лице место, ако некој дел е комплетно неупотреблив се порачуваат веднаш од цела Македонија, се бара во кој град го има и се брза да се донесе што е можно по итно во Крушево за да тоа возило продолжи со трката.
„Тркачите се многу упорни имаше дефекти, помали и поголеми, возилата се расипуваат на самиот терен, се обидуваат тука да ги поправат, тој што не може се враќа во кампот ги спремаат возилата е секој ден успешни продолжуваат со трката и можам да кажам дека скоро сите возила ќе ја завршат трката во најдобар ред“, рече Андреј Ристески, член на клубот OFFROAD 4X4 PRILEP.
Macedonia 4×4 Trophy е доказ дека Македонија е подготвена за вакви натпревари од европски калибар кои може да се носат рамо до рамо со елитата од овој спорт. А освен спортот овие OFFROA шоуа имааат и туристички карактер за презентација на убавините на нашата земја.