Let’s Talk About Plan(t)s, Baby! – изложба на прилепската умeтница Елена Димоска Николоска

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми

На 4 април 2025 од 19.00 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата Let’s Talk About Plan(t)s, Baby! (Ајде да си зборуваме за растенија!) од прилепската умeтница Елена Димоска Николоска. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам во годишната програма за работа на Центарот во дејноста визуелни уметности.

„Let’s Talk About Plan(t)s, Baby!“ е уметнички проект кој ја истражува убавината и упорноста на природата, наспороти човечката летаргичност и занемарување. Овој проект се фокусира на двa специфични новоизградени објекти во Прилеп, основно училиште и градинка, кои покрај тоа што веќе неколку години се изградени, до сега воопшто не се користени за нивната наменета цел. Наместо со детскиот глас и насмевки, дворовите на овие објекти се исполнети со разновидни растенија. Додека и двата објекти полека се распаѓаат, а многу деца и родители  го очекуваат отворањето на овие објекти, природата величествено процветала во отсуството на човечко присуство. Проектот ја истакнува дијаметралната спротивност помеѓу човечкото занемарување и упорната способност на природата да ја пополни празнината. Покрај илустрирањето на човечкото занемарување, проектот покажува како природата наоѓа начин да даде цел на овие напуштени места, трансформирајќи ги во живописни градини и шуми.

Дополнително, „Let’s talk about plan(t)s, Baby!“ го потенцира и концептот на игнорирање на „слонот во просторијата“—во овој случај, новите, а веќе остарени, несудени образовни институции. Често, ние луѓето се фокусираме само на она што е директно пред нас, игнорирајќи и прескокнувајќи значајни проблеми кои лежат само малку подалеку од нашата непосредна перцепција.

Проектот ги поттикнува гледачите подлабоко да размислат, со тоа што повторно ќе се фокусираат на малите, „убави“ проблеми кои виреат околу она што треба да им биде во главен фокус, но, и да ѝ посветат внимание на природата, почитувајќи ја нејзината непокорлива способност да создаде нешто и таму каде што скоро и да нема ништо.

Елена Димоска Николоска е родена во 1994 г. во Прилеп. Дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Факултетот за ликовни уметности – Скопје во 2017 година, оддел – ликовна педагогија со сликарство. Во моментов е студент на магистерски студии на Факултет за ликовни уметности – оддел Скулптура, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во нејзината уметничка работа, главен фокус се социјални теми кои ги третира преку сликарството како главен ликовен израз, а од неодамна истражува со скулптурата, како и со новите ликовни медиуми. Моментално живее и работи во Прилеп како наставник по ликовно образование.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

НОВО во GALA WASH Прилеп !!! Перење на патосници - Антибактериски мирис - Црнило за гуми