ВИДЕО – Ателје „Артика“ и кафе галерија „Лувр“ – Уникатни креативни простори, каде уметноста е начин на живот


Се наоѓаме пред ателјето Артика во населбата Димо Наредникот во Прилеп, кое што е лоцирано веднаш до КАМ маркет или зградата која што се нарекува Сончева палата. Функционира уште од 2021 година и ова во моментов е единствениот ваков уникатен простор каде децата и младите на еден навистина креативен начин имаат можност да го изразат својот талент. Него го водат уметниците Елена Димоска и Методи Исков, кои ќе ни кажат многу повеќе околу функционирањето на ова ателје, но исто така ќе имаме можност и да го погледнеме целиот творечки процес на младите. Ајде да погледнеме како изгледа еден ден во ателјето Артика.


Здраво, како сте?

Димоска: Здраво, одлично, како сте вие?

Добри, еве дојдовме да ве посетиме во ателјето Артика.

Димоска: Супер, мило ни е.

Како што кажав го водите вие и Методиј Исков, кој што се наоѓа позади. Во најавата кажав дека студиото функционира уште од 2021 година и е еден навистина уникатен простор во Прилеп, можеби единствен од ваков тип, каде младите на еден специфичен начин имаат можност да ги искажат своите таленти, па би сакал да поразговараме малку повеќе околу тоа.

Димоска: Супер.

Како се роди пред се идејата за формирање на студиото, односно ателјето Артика и кога?

Димоска: Со колегата Методи Исков се познаваме уште од нашите студентски денови како колеги на Факултетот за ликовни уметности и соработувавме отсекогаш. Со оглед на тоа дека двајцата имаме искуство во едукација, односно како наставници по ликовно образование, а имавме и интерес за индивидуални часови, одлучивме да ги споиме силите и да направиме нешто заедничко, односно тоа што би го правеле индивидуално да го издигнеме на малку повисоко ниво и така всушност дојде идејата. Имавме и простор, значи ги имавме сите потребни ресурси за да го основаме ателјето и тоа се случи за време на короната, за време на ковид пандемијата. Тогаш всушност се разви идејата, тогаш всушност разговаравме и при првата прилика кога можевме да реализираме часови, започнавме.

Во што се состои неговата уникатност?

Димоска: Во тоа што сме единствени на овој простор, не само во Прилеп, туку и малку пошироко. Во тоа што практично создаваме мали и големи ликовни уметници, со тоа што многу од децата кои посетувале часови тука веќе го имаат својот пат трасирано кон Факултетот за ликовни уметности, кон средно уметничко училиште Лазар Личеноски во Скопје. Исто така имаме и ученици од овде, учесници во нашите активности, кои се запишале и на факултет за дизајн, кои се запишале на факултет за архитектура, што значи јас би рекла дека уникатни сме по тоа што од овде излегуваат луѓе кои и понатаму ќе се занимаваат со естетика и уметност, без разлика дали факултет за ликовна уметност би бил нивниот избор. Сето она со кое тие ќе се занимаваат во иднина и да им остане како хоби, значи ние сме имале огромен удел во тоа.

Со каков вид на техники се работи тука?

Димоска: Па скоро сите техники ги опфаќаме, работиме цртање, сликање, делови од графика, делови од вајарство или моделирање поконкретно како дисциплина. Почнуваме со поедноставни техники на почеток, за да ги воведиме учениците во тоа како се црта првично, а понатаму како се работи со останати техники кои се малку покомплицирани. Од сликање работиме и со повеќе видови на техники, значи почнуваме со пастели, акварел, акрил, од графика работиме линорез, затоа што условите за други графички техники се многу комплицирани. Оној кој ќе се одлучи да студира уметност понатаму ќе ги проба и останатите графички елементи.

Како може овие млади таленти да бидат дел од вашето ателје, кој е начинот да дојдат тука и да станат членови?

Димоска: Можат да дојдат и да пробаат прво, дали ќе им биде добро, дали се пронаоѓаат тука, дали ќе им биде пријатно, да го пробаат својот талент практично и потоа врз основа на нивното искуство продолжуваат. Начинот е нормално да не контактираат нас, мене или колегата Методиј, со тоа што имаме Фејсбук страна, Инстаграм страна, двата телефонски броеви се истакнати на двете страни и тоа е практично начинот да не контактираат.

Што значи уметноста во секојдневното живеење и функционирање на младите во текот на 24 часа и посетувањето на ова ателје, според вас еве како нивни наставник?

Димоска: Тие најдобро би кажале, но според моето искуство, она што јас го гледам, многу значи, заради тоа што поголем број на децата кои доаѓаат, доаѓаат од нашите почетоци. Тоа само зборува дека тие се чувствуваат добро кога се тука и дека се задоволни со тоа што го прават тука. Исто така резултатот сам по себе кажува, напредокот нивни, од каде почнале, како изгледаат нивните цртежи сега, нивните слики сега, тоа што имаат добиено бројни награди деца кои посетувале часови тука, на различни конкурси на кои конкурирале индивидуално или преку нас, јас мислам дека тие уживаат позитивно искуство во секој случај, тоа е моето мислење.

Навистина еден интересен процес на творење на децата. Како поминува овде еден нормален ден во ателјето Артика?

Исков: Обичен ден поминува прилично зафатено, можам да кажам дека започнуваме од 10 часот наутро, децата доаѓаат, веќе се навлезени во процесот и со самото нивно доаѓање си ги припремаат материјалите, земаат материјали тие кои им се потребни за работа, го опремуваат својот простор за работа. Во текот на часот имаме вовед на кој го задаваме мотивот и техниката за работа, пристапуваат кон изработка на тие техники, а ние потоа индивидуално им помагаме да ги усовршат тие техники. Често разговараме со нив за секакви теми, во смисла која книга ја прочитале последно, која песна им се допаднала, дали забележале некој интересен лик за сето тоа да ни послужи како инспирација за понатамошни мотиви, дали се пејсажи, портрети или илустрации.

Им задавате одредена тема или секое дете црта според својата инспирација?

Исков: Кога обработуваме нова техника тогаш им задаваме ние мотиви, заради комплексноста на техниката, да можат полесно да ја совладаат, отколку да обрнат внимание на мотивот, односно да изгледа мотивот добро, но техниката да можат полесно да ја совладаат.

Колку деца го посетуваат студиото Артика, во какви групи се поделени?

Исков: Па моментално имаме околу 60 членови во ателјето, поделени се во повеќе групи според возраста, имаме од најмала возраст од 5 години па се до средношколци, а минатата година имавме и група на возрасни.

Слично прашање ја прашав и Елена, кој е бенефитот кој го добиваат младите при посетата на Артика?

Исков: Освен техниките и новите знаења кои ги добиваат, воедно се развиваат и моторичките вештини, нормално погледот, окото се поврзува со раката така што можат полесно да извлечат цртежи, се стремат кон дизајн, архитектура…

Дали имате соработка со други вакви ателјеа во Прилеп, надвор од градот, соработка со други уметнички студија, учество на настани дали земаат младите?

Исков: Па досега сме имале доста учества на различни настани, можам да издвојам дека втора година сме дел од арт-хепенингот на Ротари клуб на 3 ноември, имаме соработка со музичкото училиште АЛТО, каде беше претставен концерт со изложба, имавме дел од сценографија на еден хуманитарен концерт, бевме дел од театарските игри како работилница каде најмладите можат да креираат и во склоп на сите овие работи на крајот на годината имаме и завршна изложба на која  членовите ги покажуваат своите изработки.

Каде се одржува таа?

Исков: Таа изложба се одржува тука, во нашето ателје.

Кажете ми за крај, каде може да ве најдат и како можат да ве контактираат сите овие кои ја гледаат оваа емисија и имаат желба да го искажат некаде својот талент, но и да го надоградат?

Исков: Па можат да не контактираат на нашите телефонски броеви кои се истакнати на нашите страни на социјалните мрежи, инаку се наоѓаме на улица Димо Наредникот, блиску до КАМ маркет.

Ова беше само дел од таа приказна за уметноста, која што сакавме да ви ја пренесеме, а останатата половина или вториот дел од оваа емисија ќе го продолжиме во кафулето ЛУВР во Прилеп кое е единствено од ваков тип, значи не е само место каде може да се напиете кафе, чај и останати пијалоци, но исто така е на голем начин поврзано со уметноста, тоа е на еден начин галерија, простор каде се одржуваат голем дел културни настани и е можеби единствената самопослуга за кафе во градот.

Димоска: Токму така, јас би рекла дека ако овде се случува уметност од мали нозе, понатаму продолжува во ЛУВР на ниво на Прилеп.

Ќе погледнеме и тоа како изгледа, се гледаме вечер во ЛУВР.

Димоска: Се гледаме таму.

Како што и претходно најавивме, еве сме во кафе галерија Лувр во Прилеп, навистина уникатен простор во градот кој како што кажавме освен како кафуле функционира и како галерија, како простор каде што се одржуваат голем број разни културни манифестации, изложби, поетски читања, па дури и драмски претстави. Исто така, овој простор позади мене функционира и како единствената кафе самопослуга во Прилеп. А како сето тоа изгледа, ајде да погледнеме.

Здраво повторно, како сте?

Димоска: Одлично, вие како сте?

Еве дојдовме да го погледнеме и кафулето Лувр, претходно бевме во ателје Артика, навистина импресивен простор каде младите таленти имаа можност да се запознаат со ликовната уметност. Како што најавив и овој простор е многу поврзан со уметноста, не е само обично кафуле.

Димоска: Баш така, повелете.

Но претходно како што кажав, ова е самопослуга, односно гостите кои доаѓаат тука треба сами да си порачаат и сами да си го земат пијалокот.

Димоска: Точно така.

Епа да порачаме, што сакате вие?

Димоска: Еден чај.

И јас сакам еден чај, значи 2 чаја. Го земаме овој уред кој ќе ни каже потоа кога е готов нашиот пијалок. Да седнеме.

Пијалокот веќе е порачан, треба да стигне за некоја минута. Како започна идејата за отворање на овој простор во Прилеп, кој беше основниот мотив?

Димоска: Прво заедно со мојот сопруг Кирил размислувавме околу тоа што би можеле да отвориме, односно прво ни недостасуваше алтернативен галериски простор.  Јас гледајќи низ призмата на млад уметник кој сака да добие шанса да изложува и да се претставува не само во простори кои се државни галерии. Во Скопје на пример има алтернативни галериски простори во кои можат младите уметници да изложуваат сопствени дела. Во Прилеп приметивме дека тоа го нема и оттука беше појдовната точка, но како галериски простор сам по себе не бевме сигурни дека би привлекол доволно внимание, поради тоа што галериите обично работат само при одржување на некакви настани, изложби и тоа е еднократно, нема константна фреквенција на тие места.

Значи тука е тој спој на кафе и галерија?

Димоска: Да. И тогаш дојдовме до идеја дека доколку го споиме галерискиот простор со нешто друго, во ситуацијава кафе, фреквенцијата би била многу поголема и уметничките кои би биле изложени автоматски би добиле на публицитет. Значи некој да дојде само да пие кафе би имал прилика да ги гледа уметничките дела на тоа место.

Целиот простор тука како што може да се забележи е исполнет со слики, дел се ваши, дел од прилепски автори кои на некој начин ги продаваат сликите тука и посетителите може и да си купат.

Димоска: Да, сликите кои ги има во кафе галерија Лувр се од прилепски уметници. Тоа не значи дека не би имале слики и од други уметници, од други градови, но фокусот е на Прилеп конкретно и на прилепските уметници и на претставување на локалната прилепска уметност која се создава тука.

Колку сте задоволни вие?

Димоска: Па изненадени сме, тоа искрено би го кажала, на почетокот бевме скептични, ама свативме дека има љубители на уметност, има љубители на сликарство, има луѓе кои сакаат да гледаат и да купат уметнички слики.

Значи тука можеш да уживаш во пиењето на кафе, чај, да гледаш уметност, а потоа и да си купиш. Еве го пијалокот стигна, значи ова е уредот. Да продолжиме каде што застанавме, рековте дека сте изненадени од тоа како почна да функционира кафичот. Делата се продаваат, од каде се доаѓаат луѓе да ги погледнат делата, па и да купат?

Димоска: Најголем дел се прилепачни кои се веќе запознати со имињата кои што се автори на уметничките дела, но исто на наша голема радост имаме и публика и посетители кои се љубители и на кафе и на уметност и кои доаѓаат и од други градови, дури и странци кои доаѓаат на посета тука и разбрале, слушнале дека има ваков простор и доаѓаат конкретно да го видат просторот и да ги видат уметничките дела кои се изложени тука. Значи практично од секаде.

Функционира просторот и како мултифункционален простор, не само како галерија и за пиење на кафе, туку тука се одржуваат како што кажав претходно дури и театарски претстави.

Димоска: Во склоп со театарските игри, со фестивалот „Војдан Чернодрински“ во организација на фестивалот имавме и претстава која се одржа тука во нашиот простор. И не само тоа, бројни поетски читања се одржале тука, можам да речам традиционално затоа што веќе 2 години со ред се одржува поетско читање на Филип и Лина, „Љубење со стихови“ кое се одржува на 14 февруари, односно за денот на вљубените. Сме имале промоции на книги, групна изложба на ДЛУП се одржа, индивидуални изложби, исто така имаме одлична соработка со организаторите на „Winter Apricots“ фестивалот за краток филм. Во нивна организација се одржа проекција на филм овде во нашиот простор, а во текот на изминатите 2 години често организиравме „wine & paint“ настани, односно настани на кои се комбинира вино со сликање. Има и други слични настани, можеби заборавам нешто во моментов, но настани од тој тип.

Интересен концепт, навистина уникатен. Каде се гледате во иднина себе си и која е целта што сакате да ја остварите?

Димоска: Она кое сакавме да го постигнеме, иднината која ја гледавме пред неколку години веќе ја постигнавме, ова е тоа што го имавме замислено и многу сме благодарни што сме тука каде што сме во моментот, а тоа што сакаме да се случува понатаму е едноставно да течат работите со истиот тек како што течеле досега, да се одржува ова што се случува и понатаму вака како што, да се одржуваат повеќе изложби, не само тука, би сакала јас да се одржуваат на повеќе места, да имаме култура на гледање, на посматрање, на создавање на уметност на едно повисоко ниво од ова што го имаме во моментот.

Да, на Прилеп му треба култура и навистина оваа кафе галерија е една од тие светли точки кои даваат надеж дека сеуште можеме да го вратиме стариот сјај, но и да бидеме многу, многу повеќе.

Димоска: Баш така.

Елена ти благодарам на одвоеното време и на разговорот. Еве и една порака од нас до гледачите, а тоа е сите оние што го посетиле ателјето Артика или кафе галеријата Лувр продолжете и понатаму да ги посетувате, а вие кои не сте биле тука обавезно да дојдете, затоа што навистина и ателјето Артика и кафе галерија Лувр се уникатни простори какви што нема во Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи