АНБ: Во Гостивар и Струга уапсени четири лица осомничени за тероризам, блиски со ИД/ИСИС

Facebook
Twitter
Email
Print

Агенцијата за национална безбедност на својата веб-страница официјално потврди дека на 15. 12.2024 во Струга и Гостивар, по спроведена акција приведени се четири лица за активности поврзани со тероризам.

„По претходно обезбедени сознанија од страна на Агенцијата за национална безбедност во координација со Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи – Биро за јавна безбедност, на 15.12.2024 година, беше спроведена акција на подрачјето на градовите Гостивар и Струга, во која беа опфатени и лишени од слобода четири лица, под сомнение дека биле инволвирани во активности поврзани до тероризам.

Заради превенција од извршување терористички активности, АНБ во соработка и преку размена на сознанија со партнерски служби во изминатиов период кон овие лица презеде засилени оперативни мерки и активности.

Лицата се идеолошки надоврзани на терористичката организација „Исламска држава/ИСИС“ и во изминатиов временски период преземаа активности за верско-радикална индоктринација на млади лица, како и подготвителни дејствија во врска со изведување насилни активности кои содржат елементи на тероризам.

Во текот на понатамошната постапка, надлежните правосудни органи во координација со Министерството за внатрешни работи, преземаат мерки и активности за спроведување на дополнителни истражни дејствија во однос на предметните лица.

Агенцијата за национална безбедност во рамки на своите надлежности и ингеренции за рано превенирање и заштита на безбедноста на државата и граѓаните, останува посветена и континуирано презема сет од мерки и активности, вклучително и за детектирање онлајн-пропаганда и содржини кои се поврзуваат со меѓународни терористички организации и имаат за цел регрутирање, инспирирање или поттикнување на тероризам“, се вели во официјалното соопштение на АНБ.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира