Агрон Фазлији, претседател на УО на ЗКРМ од Занаетчиска комора на Македонија апелира до Владата за целосно разбирање за ситуацијата на занаетчиите, кои се едни од најпогодените сектори во државата со Ковид-19.
„Ние како институција која се грижи за правата и доброто на занаетчиите, уште еднаш сакаме да ги потенцираме нашите барања за новите мерки се со цел да го задржиме занаетчиството во живот. Бараме финанска помош од државата за занаетчиите за исплаќање на плата до април. Доколку ова не се случи, занаетчиите, препуштени сами на себе, единствен излез гледаат во затворање на своите дуќани. Паушално оданочените занаетчии исто како и фискализираните занаетчии се во тешка ситуација. Според нашите истражувања и анкети, 90 проценти од занаетчиите моментално ги одржува само дадената минимална плата од страна на Владата во претходните месеци. Паушално оданочените занаетчии не можат да аплицираат за бескаматни кредити и поради тоа доколку таа мерка се донесе, занаетчиите воопшто нема да бидат опфатени и нема да можат да си пуштат плата. Потребно е сите мерки што ги испративме до Владата и надлежните министерства да се земат предвид“ порачува Фазлији.
Тој додава дека ќе инсистираат за да ги добијат бараните мерки, кои се неопходни, бидејќи донесувањето на други мерки кои нема да им помогнат на занаетчиите, ќе значат клуч на врата.
„Управниот одбор на ЗКРМ заедно со мене како претседател, нема да застанеме се додека не ги добиеме бараните мерки, затоа што тие се скромни и реални и се засноваат на аргументи и на моменталната ситуација на занаетчискиот сектор, со цел да се зачуваат работните места. Во случај да не се одобрат барањата на занаетчиите и се донесат други мерки кои нема да им помогнат на занаетчиите, тоа, за жал, ќе значи клуч на врата за многу занаетчиски дуќани, мали семејни бизниси и други микро и мали претпријатија каде што е присутно занаетчиството“ – истакнува Фазлији.