100 години „Прилепски Мечкари“ и 25 години Карневал „Прочка“ во Прилеп. Годинава на 22 февруари во недела градот под Марковите Кули ќе одбележи 2 знaчајни јубилеа поврзани со празникот Прочка и неговото одбележување. Организатори како и секоја година се Општина Прилеп и здружението „Прилепски Мечкари“. Годинава ќе има и новини после неколку години пауза повторно во саботата се враќа организацијата на детскиот карневал, а главното дефиле ќе се случи во неделата. Карневалот традиционално како и секоја година ќе започне во петок на 20 февруари со изложба на рачно изработени маски од страна на учениците од сите средни и основни училишта на територијата на Општина Прилеп. Годинава исто така после поеќе години пауза Карневалот повторно ќе биде меѓународен со гости од странство, а ќе присуствува и Претседателот на ФЕКК г-дин Ларс Алгил.
„Во сабота на 21.02. се враќа детскиот карневал, односно дефиле со учесници до 14 години. Тука ќе настапат основните училишта од градот и околината, а настанот ќе биде збогатен со забава и музика. Тргнувањето на трасата е од основното училиште „Кочо Рацин. Централен настан е дефилето на маски во недела каде ќе се претстават групни и поединечни маски од Прилеп и други градови на Македонија, а годинава и гости од соседните држави и претставници на Федерацијата на европски карневалски градови. Најавени се групите од Србија од Шабац, Белград, Бела Црква и Врњачка Бања, од Бугарија од Перник, од Албанија од Каваја, а од Македонија ќе земат учество Куратица, Мокриево, Бегниште, Сопот, Пробиштип и други. Тргнувањето на дефилето од пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ до плоштадот „Методија Андонов – Ченто“, каде ќе биде главното претставување со изведена кореографија и музика. Карневалските групи подготвуваат настапи што ќе внесат динамика, боја, ведрина, а публиката може да очекува силна енергија, впечатливи костими и вистински карневалски моменти“, истакна Снежана Ристеска, советник за култура во Општина Прилеп.
Кога сме пак кај „Прилепските Мечкари“ првите записи за некаква форма на нивна организирање има запишано во архивските документи од 1921 година, а годината тие одбележувата цел еден век на организирано дејствување и маскирање. Маска која е составена чисто од касапскиот еснаф во Прилеп кои преку оваа маска на овој ден според нивната традиција организираат ритуални обреди и поворки со кои се чистат од лошите духови.
„Прилеп се гордее што само во континуитет од 25 години ние како организационен одбор го организираме, а и претходно имало обиди неколку пати да се организира, но не во тој обем. Гордост е што Прилеп како град ја даде најголемата награда на карневалите, наградата беше прва, која се одржа пред нашето организирање во спортската сала на Тутунски комбинат и првата награда беше Југо 55. Така да тоа е гордост за Прилеп, гордост што значи дека ние сме постоеле, постоиме и ќе постоиме бидејќи Прилеп е на некој начин љубител на тие преправања. Така почнавме, стихијно, гледајќи со другарите и пријателите како дечиња, млади, па и возрасни се преправаат на тој ден и дојдовме до идеја да пред 25 години го канализираме тоа, т.е. го направиме карневалот во Прилеп. Првата и втората година беше државен, а од третата година веќе стана меѓународен карневал и се прочу многу во Европа, па и подалеку. Имавме чест во 2012 година да го одржиме и првиот конгрес на Федерација на карневалски градови на Европа“, кажа Ванчо Ѓорѓиев, претседател на Здружение Мечкари.
Овој карневал исто така има и голем економски импут за прилепската чаршија, затоа што во минатото доаѓаа гости од цела Македонија да ги проследат маските. Од оваа година се очекува повторно враќање на тие посетители затоа што Прилеп во 2-та дена за време на викендот ќе има организирано одлични забави буквално во секој угостителски објект.
„Повторно се враќаме на меѓународната сцена, односно имаме гости и надвор од државава, покрај традиционалните гости од државата. Новина е тоа што оваа година карневалот „Прочка“ ќе се одржува во 2 дена, сабота и недела. Ја користам приликава да ги поканам сите во сабота да ги видите најмладите од училиштата, а во недела да ја проследите целокупната програма од оваа година меѓународен карактер и да уживате во овие 2 карневалски денови. Одлична прилика да заживее локалната економија, одлична прилика да видите маски, одлична пригода да излезете од секојдневнието, односно да дадеме еден нов дух“, изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Карневалот според традицијата завршува на чист понеденилник, кога и започнувата Велигденските пости, а во манастирот Свети Ѓоршија кај Прилеп Мекарите даваат за сите посетители посен бел грав за ручек, а годинава за 100 годишниот јубилеј ќе има и културно уметничка програма.