Годинава на ски терените на Станиќ во Крушево врие како во кошница. Преку викендите и празниците сместувачките капацитетите се исполнети од 80 до 90%. Оваа сезона е една од најуспешните за Крушево. Изобилстото на снег, чистиот воздух и прекрасниот амбиент ги привлекуваат туристите од цела Македонија.
„Во Крушево сега оваа година добри се условите за скијање, има снег се е во ред“, рече Горан Трајчевски, турист.
„Има придвижување, во викендите има доста гости. Мислам дека оваа сезона беше една од најдобрите и со снег и со посетители“, кажа Жан Здравески – Шапе, угостител.
За збогатување на туристичката понуда викендов се организираше и аутдор фестивалот „When in Krusevo-Winter is here“ кој вклучува планинарски тури, посета на знаменитости, летање со параглајдер и дегустурање на крушевската кујна.
„Целта е претставување на убавиините на Крушево, историските знаменитости и крушевската традиција и храна“, рече Димитар Ангелковски организатор на Фестивалот.
Учесниците на фестивалот сепак велат дека треба да се поработи на поголема презентација на Крушево и уредување на терените.
„Треба да се направат пешачки патеки, планинарски патеки, да се обележат, да се направат видиковци, да се направат места за одмор и рекреација, да се организираат и рекреативни тури, но и посериозни“, кажа Ѓорѓи Петровски, турист.
„Добро е да се прават вакви случувања, како што е овој денес, не само во лето, туку и во зима за да може што е можно повеќе да се даде на интерес за овој дел од Македонија“, истакна Билјана Петровска, турист.
Лани за разлика од 2017 година бројот на туристи бил зголемен за 70%.
„Во иднина ќе продолжиме да ги привлекуваме туристите со организирање на што е можно повеќе настани од културата, спортот и други манифестации. Организирање на повеќе паркинг простор, затоа што оваа година се бараше место повеќе како за сместување, така и за паркирање“, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
Голем број настани како спортски така и културни се најавени преку целата година. Со ова Крушево полека, но сигурно прераснува во туристичка дестинација за 4 сезони.