Големото невреме кое синоќа ја погоди Битола го парализираше градот. Силниот ветар и дождот кој паѓаше околу еден час направија вистински пустош и хаос во одредени делови на градот. Улиците наликуваа на вистински езера, реки од вода течеа насекаде, имаше паднати дрвја, затната канализација, ѓубре, кал и камења насекаде. Се оштетија и улиците кои веќе подолг период се во фаза на реконструкција, силната вода го однесе тампонот и градежниот материјал. Се поплавија подрумите на голем куќи, како и деловни објекти.
Во реонот зад Здравствениот дом во центарот на Битола надојдената вода носеше цели купови земја и камења, поради што беа блокирани делови од улиците, а пријавени се и поплавени објекти и оштетени возила. Една од најпогодена беше улицата Дебарска, каде на одредени места се појавија и оштетувања на самиот.
Жителите велат дека истото се повторува по секое поголемо невреме и бараат редовно одржување на атмосферската канализација.
„Дома жива вода ми се направи се, кој ќе ми го плати мене ламинатот, Коњаноски ќе дојди? Ова резил е жими мајка, а за гласање први се, ќе идат за гласање и ќе те молат, ама нема повеќе гласање за никој“, вели една битолчанка.
„Цевката не е направена од Комуналец, плаќаме се, но цевката е полна со песок и дрва растат, што да правиме ние? Срамота е“, додаде нејзината соседка.
„Канализационата мрежа е тесна, не е како што треба, горе на Цар Самоил излегоа и стаорци, пливале стаорци удавени во водата. Не ги прават пошироки за повеќе да истекува водата, тоа е целата работа, ништо друго. Јас мислам дека само тоа е проблем, друг проблем нема, помали се цевките, а треба поголеми цевки, тоа е“, рече еден граѓанин на Битола.
Опозицијата пак преку соопштенија истакна дека синоќешната катастрофална состојба на градот била доказ за системски пропусти во урбанистичкото планирање и одржувањето на јавната инфраструктура во Битола. Според нив потребна била итна ревизија на атмосферската канализација и забрзување на инфраструктурните проекти.
Официјална информација од Општина Битола засега нема.
Според Центарот за управување со кризи, по пријавите преку бројот 112 на терен биле ангажирани екипи на јавните претпријатија и Територијалната противпожарна единица, кои до доцна синоќа работеа на расчистување на одводните шахти и испумпување на водата од поплавените објекти.