Започна борбата кај средните училишта кој да запише повеќе ученици. Во ситуација каде бројот на деца во државава за жал секоја година е се помал училиштата прават се макар и за ученик плус. Се прават отворени денови, секое училиште се труди своите смерови да ги претстави во најдобро светло, дека тие се иднината на деветтоодделенците.
„Добра струка, ја бараат децата и треба да се запишат, затоа што со добивање на дипломата со овој смер добиваат диплома каде можат веднаш да се вработат, значи ученици кои не продолжуваат во високото образование можат веднаш да работат“, изјави професорка во здравствената струка.
„Имаме голема заинтересираност за запишување во оваа струка, односно конкретно во физиотерапефтскиот профил, потрени минимум поени за запишување се 70“, рече Никифор Велкоски, професор по стручни предмети во здравствена струка.
„Зошто еден деветтооделенец би сакал да се запиши овде е затоа што би се стекнал со знаења кои би му помогнале да се пронајде во светот на медицината и ќе стекне и вештини кои ќе му помогнат во понатамошниот професионален живот“, истакна Леонид Петрески, ученик во СОУ Ѓорче Петров, физиотерапевтски техничар.
„Учениците во нашето училиште следат голем број на техники за работа, нови козметички третмани, посетуваат козмечки салони“, вели професорка од струката лични услуги.
„Ова не е само занает, туку моќна комбинација на науката, уметноста и грижата за здравјето. После завршувањето на средното образование имате сигурна работа каде можете да бидете и сопствен газда“, вели Теодора Димеска, техничар за козметичка нега и убавина.
„Оваа струка нуди многу можности, од работа во индустрија, до сопствен бизнис. Креативноста на секој од учениците кој ќе се запише во оваа струка е од голема предност“, додаде Наташа Мирческа, професорка по стручни предмети во „Сектор „текстил, кожа и слични производи“.
За разлика од порано кога најпопуларно беше фимназиското образование, сега тоа не е така, стручното образование и дуалните паралелки полека го заземаат приматот за тоа. Особено струките со кои веднаш може да се вработите по завршувањето.
„Што е најважно овој профил им нуди на учениците брзо вработување, солидна плата и професија што ги отвора вратите за иднината“,кажа Елизабета Цветаноска, професор по економски предмети.
„Многу патишта ви се отвораат со самото економско училиште. Не е потребно да се вложи голем труд за учење, лесно се сфаќа материјалот и е релативно лесно“, вели Јована Мојаноска, економски техничар дуална паралелка.
„Нашиот смер е дуален затоа што се учи со зголемен број на часови и пракси. Земаме и стипендија 9 месеци по 3.500 денари, за кој единствен услов е да имаш просек над 3.5“, кажа Давид Наумоски, исто така економски техничар дуална паралелка.
„Многу од нас ги користиме Теми, Али Експрес, Зара и токму порачуваме преку нивните веб страни, но зад тие порачки и зад тие веб страни стојат професионалци кои го завршиле токму овој смер и доколку сакате да работите од дома и да се занимавате и да работите со дигитален бизнис, токму треба да се запишете на овој смер“, истакна Петар Чадамов ученик во СОУ Кузман Јосифоски – Питу Прилеп.
Се размислува и за воведување на струки кои ги бара бизнис секторот.
„Работиме со струките кои се веќе одобрени од Центарот за стручно образование, но веќе и од присутните колеги имаме изработено и нови струки за кои се чека одговор од Центарот и од МОН, со цел да излезиме спремни на пазарот на трудот“, изјави Христина Бозоска Николоски директор на СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“ во Прилеп.
Излезот од невработеноста и недостигот од стручна работна рака се гледа создавање на такви кадри од какви што има потреба нашето стопанство.