Производителите на пченица од Пелагониско бараат државата според Законот да оддели по 5 денари од Интервентниот фонд за килограм отклупена пченица со што ќе им доплати на земјоделците кои пченицата ја продадоа по само 10 и 9,5 денари. Ако производната цена е поголема од продажната тогаш Владата може да интервенира со државни средства за да ја ублажи кризната состојба. Земјоделците се сомневаат дека пченицата намерно се откупува од трговците по оваа ниска цена за да после одредени поединци и компании ќарат на маката на земјоделците.
„Ние како здружение го следиме патот на пченицата, дел се извезе во соседството, дел стои по гаражите кај земјоделците и дел е складирано кај трговци кои чекаат тендер за државни резерви. Значи трговците не беа контролирани од никого за да имаат поголема разлика за тендерот да можат да си поделат, овде има нешто симптоматично. Истите актери се појавуваат секогаш кога има тендер за стокови резерви“, изјави Миле Кебакоски, претседател на здружение „Фармери Југозапад“.
Земјоделците бараат побрза исплата на субвенциите за 2024, пари кои според нив само се ветувале но никако да стигнат кај земјоделците. Бараат исто така освен за површина и за семенски материјал субвенции да да се исплатат и за остварен принос.
„Трето барање, корекција во Програмата за субвенционирање за 2026 година. Многу има проблематични ставки, евеќе потенцирам една. Ние сеевме есента по старата програма која велеше 150 кг. по хектар семенски материјал, е сега поднесуваме субвенции, за Програмата која излезе во месец февруари, а по таа Програма се бара 200 кг. Значи ние сме ги посеале, неможеш сега ни фискална да најдеш, ниту фактура, завршни сметки сето е направено до Нова Година. И четврто барање да се контролира, да се намали или скроз да се запри увозот на пченица и брашно од Србија“, додаде Кебакоски.
Земјоделците овие 4 барања во писмена форма ќе ги достават идната недела до Министерството за земјоделство.