Пратеничката група на Левица најави дека ќе поднесе повеќе измени на Изборниот законик со кои ќе бара отстранување на нерамноправностите во изборниот процес, а првата иницијатива ќе биде за укинување на платеното политичко рекламирање. Ова, како што појаснуваат, следува по одлуката на Уставниот суд да ја отфрли иницијативата на Левица и да не расправа за одредбите од Изборниот законик со кои Левица е исклучена од платеното политичко рекламирање.
„За жал, поминува во сенка на скандалозната, недемократска и крајно исполитизирана одлука на Уставниот суд да ја отфрли иницијативата на Левица и да не расправа за проблематичните делови од Изборниот законик, коишто ја исклучуваат Левица како единствена партија од политичко рекламирање“, истакна координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов.
Образложението дека за овие одредби веќе било одлучувано не ја одразува денешната политичка реалност, вели Крмов. Од 2023 година, како што нагласи, состојбата е променета, бидејќи Левица денес има парламентарна партија и пратеничка група која е исклучена од платеното политичко рекламирање.
„И ако е јасно дека ситуацијата е сменета од 2023-та, затоа што сега имаме и парламентарна партија и тоа пратеничка група која е исклучена од политичко рекламирање“, посочи Крмов.
Последиците од ваквата нееднаквост, оценуваат во партијата. особено се покажаа на локалните избори. Потсетуваат дека кандидатот на Левица за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ, се пласираше во вториот круг, но во истата трка политичките субјекти немаа еднаков пристап до платеното политичко рекламирање.
„Нашиот кандидат Амар Мециновиќ влезе во вториот круг во град Скопје. Имавме два кандидати во вториот круг, но само еден кандидат имаше ППР и тоа е една недозволива и апсолутно незаконска и неуставна работа“, изјави Крмов.
Токму затоа, Левица, додава Крмов, ќе започне со иницијатива за целосно укинување на платеното политичко рекламирање.
„Ќе имаме повеќе иницијативи, повеќе измени на Изборниот законик и ќе почнеме со првата, кај што ќе бараме да се укине платеното политичко рекламирање. Мислиме дека тоа е најфер. Ако веќе не можат сите партии да добијат тоа што им следува, тогаш ќе е најфер никој ништо да не добие, и со тоа ќе му заштедиме на буџетот милионски суми“, нагласи Крмов.
Левица, нагласи тој, истовремено го поддржува повторното отворање на дијалогот за Изборниот законик. Крмов посочи дека ова прашање веќе го отворил на координацијата на координаторите на пратеничките групи во Собранието, а позитивно гледа и на најавата на новиот министер за правда за отворање дијалог во рамки на Министерството.
„Чекаме да видиме и другите партии да се изјаснат дали прифаќаат повторно да се отвори дијалогот за Изборниот законик. Понатаму, исто видов и дека министерот за правда, новиот министер, вика дека сака од страна на Министерството за правда да се отвори дијалог, така да ние и тоа го поддржуваме“, рече Крмов.
Но, политичкиот дијалог, како што додадде, не смее да биде изговор за продолжување на постојната неправда.
„Во секој случај, сè е на маса. Значи, Левица не планира веќе да биде третирана во Собранието како партија од втор ред. Сè е на маса ако овие одредби, овие спорни одредби од Изборниот законик не се исправат, па и радикализација во Собранието на политичката партија Левица“, порача координаторот на пратеничката група на Левица.