Синоќа во 20.00 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ уметницата Ивана Темелкоска од Прилеп ја отвори нејзината прва самостојна изложба, поддржана од Министерството за култура и туризам. Изложбата е насловена „Маркукуле живо“, а на истата публиката можеше да види 30-тина фотографии од нашиот најпознат споменик на прирофдата и културата Маркови Кули. Овие фотографии Темелкоска ги правела од 2020 до денес.
„Ова е мојата прва самостојна изложба, се вика „Маркукуле живо“ поради живиот момент што се обидував да го фатам низ текот на годините, што започна уште во 2020 година. За време на пандемијата бев затворена дома, работев од дома и бидејќи имам привилегија да имам прекрасен поглед од прозор према Маркукуле, благодарение на моето маче кое често си седеше на тој прозор и ѕиркаше надвор почнав и јас полека да ѕиркам со него. Прво настана оваа фотографија, буквално ме воодушеви моментот кога ја тргнав завесата и го видов погледот каде небото беше целосно чисто, а Маркукуле беше целото обвиено во магла.
Немаше никаков план, ниту пропаганда во врска со оваа изложба, започна со создавање на момент по момент. Ги фаќав сите оние моменти од атмосферски промени и облаци најважно, што ме воодушевуваа секој пат кога ќе ги видев и полека настана серија од околу 30-тина фотографии, тука се изложени точно 30.
Овој проект иако започна да се формира во 2020 година, најверојатно ќе продолжи низ текот на мојот живот, или барем додека ја имам привилегијата да го гледам Маркукуле вакво. За мене е многу важна лекцијата што ја научив додека го создавав ова, секој момент е навистина минлив, премногу здраво за готово ги земаме одредени работи, особено Маркукуле како симбол на Прилеп кој носи огромна вредност и од културен аспект и од аспект на биодиверзитет, од геоморфолошки аспект, но прилепчани го имаат некако подзаборавено, запоставен е едноставно од сите и се надевам дека секој кој ќе ја види оваа изложба некако ќе биде поттикнат да почне да го гледа Маркукуле или било кој друг објект околу нас што го сака со малку поинакви очи, со малку повеќе присутност и внимание“, истакна Темелкоска.