Ниту едно подрачно училиште нема да биде затворено и ниту еден наставник во Општина Прилеп нема да остане без работа со процесот на оптимизација. Од Општина Прилеп велат дека со овој чекор успеале пред се да ги спасат населените места од изумирање затоа што младите се клучниот фактор за развој на една средина.
„Во секое населено место каде што функционира училиште има поразличен начин на функционирање, односно се задржува животот во населеното место. Нашата примарна цел е да ги задржиме младите да живеат во населените места, а со тоа да да ги поттикнеме да заработуваат и живеат од земјоделие, а низ призма на тоа преку тоа да се подобрува економскиот капацитет на нашиот град и да се зголемува брутодомашниот производ. Можам со гордост да кажам дека во Прилп ниту еден наставник нема да остане без работа“, изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
На територија на Општина Прилеп има 10 централни и 15 подрачни училишта. Во моментов има 5.600 ученици кои ќе посетуваат настава од 1 до 9 одделение, а досега се запишале 510 првачиња или за околу 30 помалку од лани.
„Но не заборавајте дека во одредени училишта процесот на запишување трае се до ноември, така што постои можност да се надмине таа бројка со оглед на тоа дека имаме околу 700 ученици на список кои би требало да се запишани во прво одделение“, истакна Гоце Бумбароски, раководител на одделение за јавни дејности и службеник за млади во Општина Прилеп.
Од годинава за прв пат во Општина Прилеп се воведува и еднократна парична помош од 3.000 денари за секое прваче.
„Родителите на сите првачиња кои ќе тргнат во општина Прилеп согласно програмата која ја ветивме ќе биде објавен јавен повик после 1 септември за доделување на еднократна помош за сите првачиња од 3.000 денари. Ќе бидат објавени кои се потребните документи и ќе треба родителите да поднесат една пријава до приемното одделение на општината“, додаде градоначалникот Продамноски.
Како помош за семејствата на ученциите ќе им биде и „Училишната кошничка“ со која школскиот прибор се намалува за 15%.