ЛАГ АГРО ЛИДЕР годинава се вклучи во вело настанот „Крушево низ корија“ преку креирање на QR CODE кој им беше поделен на сите учесници во стартните пакети за да можат истите кога ќе забележат расфрлано ѓубре или дива депонија низ природата, кога ќе планинарат или возат со велосипедите, да ја фотографираат таа локацијата и преку QR COD-от да ги испратат фотографиите каде се наоѓа тоа место. Со тоа би се направила една мапа каде се има депонии низ природата, и истите потоа би биле исчистени од надлежните служби. Активностите се дел од проектот Локални акции, подобри услуги, финансиран од Меѓународната фонадација за изборни системи ИФЕС.
„Она што е важно во овој проект е освен што ние правиме мониторинг на програмите и буџетот од комуналните претпријатија и програмите на општината, во оваа кампања сакаме да се вклучат и граѓаните, односно да се зголеми свеста на граѓаните и да се поттикне нивно поголемо учество во процесите на управување со отпад, но и за зачувување на чистотата на животната средина. Генерално сите учесници на овој настан, на оваа манифестација го потенцираа учеството и важноста на граѓаните, но не и само на граѓаните, туку и на сите спортисти, сите велосипедисти, еколошки организации, но и сите љубители на природата, колку е важно животната средина да биде чиста и да можеме да ги мапираме и да ги идентификуваме дивите депонии. Понатаму оваа иницијатива не завршува тука, нашата цел е преку неколку вакви акции ние да направиме една дигитална мапа која ќе ни биде алатка за застапување и лобирање до општинските власти, но и до комуналните претпријатија, со цел точно да се види каде се наоѓаат тие диви депонии и притоа да се внесат во годишната програма и годишниот план“, изјави Даниела Цветаноска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.
Организаторите и учесниците на вело настанот „Крушево низ корија“ кој годинава се одржа по 12 пат истакнаа дека како држава имаме многу убавини, но за жал и несовесни граѓани кои расфрлаат отпад насекаде, така што оваа апликација и платформа ќе помогне многу во зачувувањето на природата.
„Оваа година имавме преку 100 учесници, а целта на оваа манифестација е да ги промовираме овие спортови на отворено, здрав живот, кампување, дружба, социјализација и нормално да ја подигнеме еколошката свеста на сите учесници, од најмала возраст, па се до повозрасните“, кажа Здравко Ристески, организатор на „Крушево низ корија“.
„Возиме низ цела Македонија, оваа година има 28 велосипедски настани низ цела Македонија, од сите здруженија. Се обидуваме да стасаме секаде, во зависност од обврските. За жал покрај убавините на Македонија, имаме и голем број на диви депонии кои поминуваат точно покрај велосипедски тури, а за време на турите има гости и од странство кои ни се приклучуваат и се воодушевуваат од убавината, но за жал и не укоруваат поради тоа што самите создаваме диви депонии и самите си ја уништуваме државата, за жал“, додаде Зоран Јаневски, претседател на „Велес бајкинг“.
Оваа платформа во својата првична фаза е пред насочена за општините Прилеп и Кривогаштани, со можност истатата да се прошири и во други општини.