ВИДЕО- Проданоски: На 17, 18 и 19 јули бидете во Прилеп ветуваме забава за сите вкусови, многу ладно пиво и превкусна скара

ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци
Креас - готвени јадења. Новоотворена продавница во Точила на веќе познатиот прилепски бренд.

На 17, 18 и 19 јули, односно следниот викенд сите патишта од Македонија ќе водат токму тука во Прилеп, затоа што по 23 пат ќе се одржи еден од најпрепознатливите фестивалски македонски брендови, а тоа е Пиво Фестивалот. Тоа е фестивалот кој за овие 2 децении беше пионер и успеа тука во Прилеп да ги донесе најпознатите музички имиња од балканските простори, но исто така гостуваа светски музички имиња. Секогаш, а и сега, фестивалот гледа да ги задоволи сите музички вкусови, од поп изведувачи, рок, не е испуштена никогаш ни алтернативната електронска сцена, особено внимание се посветува на македонските музичари, а секако тука е и турбо фолкот. Две децении на успеси и падови, 2 децении на критики и пофалби, но сепак овој фестивал успеа да остане еден од најпрепознатливите прилепски брендови кој носи огромен број на туристи тука во градот, кој пак имаат голем импакт врз прилепската економија. Многу повеќе за ова 23 издание на фестивалот ќе ни каже нашиот градоначалник Дејан Проденоски.

Господине Проданоски, малку поголем вовед на ова интервју, но целта ми беше да кажам дека навистина е успех 22 години да опстои еден фестивал, под различни околности и услови на македонската музичка сцена и да биде навистина не само прилепски, туку и македонски бренд.

Проданоски: Токму така, како и секое случување кое трае долги години има сопствени подеми и падови, се надевам дека го доживеавме најнискиот интерес во минатите години, сега сметам дека овој фестивал ќе се врати повторно на пиедесталот на фестивали во Република Македонија и дека и годинава, а и следните години кои доаѓаат ќе ги собереме сите граѓани на Македонија кои се љубители на вакви настани да дојдат овде и да го посетат ова навистина интересно издание. Гледате дека последниве години направивме како прилепчани тренд и веќе сите градови си створија вакви производи за да привлечат што е можно повеќе туристи. Основната цел е токму таа, да се промовира градот, да се промовираат гастрономските услуги кои ги нудиме како Прилеп, а имаме една од најдобрите храни која се подготвува, особено прилепската скара, неколку пати напоменувам дека веќе почнавме да работиме да си ја заштитиме како бренд, да стане македонски бренд, препознатлив бренд, затоа што навистина и заслужува тоа да биде. Ја имаме 102 години традицијата на производство овде во Прилеп, значи сите услови ни се исполнети за да одржуваме вакви фестивали и се надевам дека оваа година полека ќе почнеме да го градиме и да го враќаме сјајот на ова веќе 23 издание на Пиво Фестивалот.

Колку видови на пиво, кои пивари може да ги очекуваат прилепчани, но и оние кои ќе дојдат тука да го посетат овој фестивал во тие 3 дена?

Проданоски: До пред самиот старт на фестивалот од организаторите имаме информација дека досега се најавени 5 поголеми пивари со асортиман од 20-тина различни пива кои ќе бидат изложени и тука несомнено ќе бидат сите прилепски угостители кои ќе понудат добра храна на овој фестивал и тоа е можеби стартниот предизвик кој треба да го имаат граѓаните и на Прилеп, и на Република Македонија, но се разбира и пошироко. Ги очекуваме како наши гости и иселениците кои овој период ги користат годишните одмори, еве една покана до сите во Република Македонија да дојдат, да видат, да пренесат искуства од државите каде што живеат и да не поучат нешто што виделе таму да искористиме некое искуство од други поразвиени западноевропски земји. Мислата ми беше дека ќе имаме сериозна понуда не само на храна и пијалоци, туку Прилеп изобилува и со богато културно наследство, исклучително добри храмови кои треба да се посетат, што значи верски туризам, ги имаме сите знаменитости овде во Прилеп, убав, уреден и урбан лик на градот, веќе го враќаме стариот сјај, се уредува централното градско подрачје, се уредуваат сите останати населби, се градат големи инфраструктурни проекти, значи Прилеп е едно вистинско место во летните горештини да биде посетен и да понудиме и добра забава, но и добро културно надградување на сите гости кои ќе дојдат. Да не заборавам дека имаме и една добро развиена трговска мрежа, да понудиме добри производи да се купат кои ги нема во останатите градови, значи единствената цел која ја имаме е да понудиме добра забава, а воедно и да ја развиваме локалната економија, затоа што низ призма на трошењето на буџетските пари гледаме да привлечеме туристи, да го направиме Прилеп атрактивно место за посета, би ги спомнал иако се скромни, но со добри капацитети за сместување располагаме, значи буквално Прилеп треба да прерасне во еден туристички град во периодот кој престои, а еве една вистинска шанса за оние туристи кои ќе дојдат на некој начин да ги заинтересираме за убавини кои ги поседува Прилеп. Ние како Општина сме единствена можеби во Македонија која има 2 природни знаменитости, природни културни наследства, а тоа се Марковите Кули и барата кај Големо Коњари, значи и природа и историја и култура, комплетна понуда да се поминат неколку дена тука во Прилеп.

Локацијата останува иста, тука на плоштадот „Александрија“ и дел од булеварот „Гоце Делчев“, иако често во минатото имаше дискусии дали треба да биде променета, да се подели фестивалот на повеќе стејџови во зависност од видот на музика, но засега останува тука главната бина позади нас и нормално алтернативната сцена на „Камена бина“ која продолжува по завршувањето на оној официјален дел од програмата.

Проданоски: Токму така, се размислуваше за промена на локацијата на разни локалитети на кои би се одржувал овој фестивал, да биде со различни сцени, но сметаме дека автентичноста можеме да ја одржеме само со задржување на истиот простор за одржување и годинава Советот на Општина Прилеп донесе одлука дека 3.000 метри квадратни од плоштадот ќе бидат зафатени со понудувачи на пијалоци и храна, ќе биде големата сцена токму тука пред овој значаен објект, културно-историски, иако сега има комерцијална намена, ни е препознатлив репер на градот. Го имаме можеби еден од најубавите плоштади во Македонија и сето тоа му дава еден дух на овој фестивал и сметавме дека тука треба да се одржи, но за волја на вистината размислувавме како може и поинаку, но Прилеп како град на културата ова лето ќе понуди многу различни фестивали во текот на овој месец, во текот на наредниот месец, имаме еден новоформиран фестивал, но за тоа потоа, таму кон крајот на август ќе зборуваме и за него, кој нуди една друга алтернативна сцена. По однос на понудата на забава ги имаме и македонските, но и балканските ѕвезди за да бидат задоволени сите вкусови, и на крајот на денот за уживање на помладите луѓе ја имаме и алтернативната сцена, односно добро познатата „Камена бина“ каде по завршувањето на главните ѕвезди на вечерта на главната сцена, продолжуваме на алтернативна сцена. Го продолживме работното време за уште 2 часа, значи почнувајќи од попладневните часови, односно целодневна забава до раните утрински часови до 3 часот по полноќ ќе има добра забава овие 3 фестивалски денови во Прилеп.

Тука е и програмата, што се ќе може да погледне публиката?

Проданоски: Како што спонав, имаме балкански и македонски ѕвезди, даваме тежиште на македонските ѕвезди, но за да бидат задоволени вкусовите на сите граѓани ги имаме и балканските ѕвезди. Во петок Огнен Здравковски отвора, потоа го имаме Џенан Лончаревиќ, во саботата вечерта ги имаме Јордан Митев и Милица Павловиќ, а во неделата Маријан Коцев и балканската ѕвезда Јелена Розга, значи исполнети сите вкусови. Спомавте турбо фолк, но и македонска новокомпонирана музика, македонска поп музика, а после еден часот на алтернативната сцена ќе има неколку диџеи тие вечери, кои ќе ги забавуваат најмладите.

Веќе започнаа подготовките, имавте координативни состаноци со сите оние институции, јавни претпријатија кои се директно вклучени во организација на фестивалот. Што може да се каже од аспект на хигиената, примањето на гостите, паркингот, безбедноста на самиот фестивал?

Проданоски: Токму така, сите јавни комунални претпријатија се на висина на задачата, како и секоја година после завршувањето на фестивалот вработените во ЈКП „Комуналец“ ќе се погрижат плоштадот да го вратат во првобитна состојба, да се исчисти сето она што после гостите останува. Го имаме ЈКП за ПУП кое ќе се погрижи да обезбеди доволен број на паркинг места за сите посетители, да нема проблеми во движењето. Размислуваме да направиме и посебна линија на градскиот превоз која би требало да ги превезува нашите сограѓани, еве да ја искористам приликата да упатам апел до прилепчани да овозможиме повеќе паркинг места за гостите кои доаѓаат од другите градови, да излегуваат или пешки или да го користат јавниот градски превоз. Ги повикавме сите институции на некој начин да им ги претстават законските обврски на сите угостители, на сите пивари кои ќе бидат овде изложени, не сакаме буквално никаква дамка да падне на овој фестивал, да си бидат исполнети сите законски услови, да си функционира се онака како што нуди законската рамка. Сите институции се подготвени, овој период работат со угостителите и продавачите и производителите на алкохолните пијалоци за да биде комплетно направена оваа слика. По однос на безбедноста, Одделението за внатрешни работи и Секторот за внатрешни работи од Битола ќе бидат на висина на задачата, ќе има зголемена присутност на униформирани и други полициски службеници кои ќе се грижат за безбедноста на сите посетители и како и досега, сме покажале дека ќе бидеме на висина на задачата и не очекуваме никакви проблеми, очекуваме само добра забава, совесни граѓани и граѓани кои добро ќе се забавуваат овде во Прилеп.

Ви благодарам за овој разговор, наредни детали околу целата оваа манифестација се надевам дека ќе имаме пред самиот фестивал наредната недела, кои ќе им ги соопштиме на граѓаните.

Проданоски: Токму така, ова е како еден вовед, само да најавиме дека сериозно се подготвуваме за овој настан, за овој фестивал и се надевам дека во следна прилика, односно до почетокот на фестивалот ќе се видиме, а ве поканувам и вас како новинарски куќи да известувате и од текот на фестивалските денови, чисто на некој начин да ја разбуме радозналоста кај останатите кои не се во Прилеп, а за оние кои не можат да дојдат чисто да следат каква е ситуацијата овде во Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Креас - готвени јадења. Новоотворена продавница во Точила на веќе познатиот прилепски бренд.
ЕУРО ГЛАС ТРЕЈД ПРИЛЕП над 20 години заедно со Вас - најдобрите ПВЦ и алуминиумски врати и прозорци