Општина Прилеп свечено им ги додели наградите на маските кои освоија награди за Меѓународниот карневалот Прочка 2026. Со тоа практично се заокружи и годинешниот Карневал кој се одржа на 21 и 22 февруари. Мила Забрчанец Спиркоска веќе 4 година по ред освојува прва награда во поедничена конкуренција.
„За маските имам некогаш помош од татко ми, порано имав почесто помош, а сега ова година повеќе ја правев сама маската. Маската се викаше Pixel store, таа е куче од интернетот и пораката е дека се што е на интернет не е се лошо, дека има многу и што да се научи, дека не е се негативно. И маската ги исмева негативците“, рече Мила Забрчанец Спиркоска, добитник на прво место за поединечна маска на Карневалот Прочка 2026.
Гран при наградата за групна маска во саботата за време на т.н. Детски карневал пак ја освоија учениците од ООУ Добре Јованоски за маската „Весела фарма“.
„Маската беше „Весела фарма“ изработена од 13 ментори и наставници ментори и 65 ученици. Маската ја изработувавме сами, пред и после часови, заедно учениците од 5 и 7 одделение. Имаме ние како училиште 5-тите и 7-мите одделенија да секоја година учествуваат на овој Карневал заеднички со една маска. За маската гледавме да можеме сами да ја изработиме со материјали кои сами може да ги набавиме, со помош на родители и ученици, без надворешна помош“, додаде Даниела Ризоска, наставник во ООУ Добре Јованоски Прилеп.
После неколку години на пауза Карневалот повторно се одржуваше 2 дена, дефиле имаше и во саботата и во неделата, а исто така повторно се врати меѓународниот предзнак на Карневалот бидејќи имаше маски гости и од околните балкански држави.
„Сметаме во локалната самоуправа дека направивме еден сериозен исчекор во враќање на квалитетот на Карневалот, го вративме и Интернеционалниот момент, имавме доста гости на овој Карневал и се надевам дека ќе имаме уште повеќе идната година. Во име на транспарентноста на локалната самоуправа сакам да кажам дека Карневалот имаше буџет од 1 милион денари, целиот беше потрошен за организација, за пречек и сместување на гостите и сите пропратни активности околу Карневалот. Буџетот стигна и се задржавме во таа рамка. Сметам дека тоа е една скромна сума за еден вака голем настан кој што се организираше. Ќе доделиме скромни награди на добитниците, а наградите ќе бидат во форма на ваучер за патување, односно за нивно претставување на карневали, на покани од карневали каде во иднина во требало да учествуваат. Сметаме дека како и досега добро е оваа форма на награда на маските да оди во име ваучер за патување, кој што сметаме дека така најрационално би бил искористен. Затоа што сметаме дека како што ние сакаме да ни дојдат гости, така и другите карневали сакаат гости и дека дел од овие победници кај нас ќе бидат поканети на други карневали, каде ќе им биде покриено патувањето со овие ваучери“, истакна Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Карневалот Прочка е еден од бројните фестивалски брендови на Прилеп кои привлекуваат туристи од секадеи го промовираат градот не само во Македонија туку и во странство.
„На кој Карневал сме горди како организатори, пред се заради позитивните критики кои ги добивме од нашите граѓани, но и од гостите кои ги имавме од другите држави. Значи денес сме тука да ги испочитуваме сите кои учествуваа, да им доделиме благодарници, а и секако да ги објавиме наградените маски кои ќе патуваат во и надвор од нашата држава, веќе има е и покани за да се претстават на останатите карневали во регионот. Секако Карневалот е голема манифестација, која што не само што ја зачувува традицијата и ја пренесува на идните генерации туку тоа има и друга димензија, односно туристичка атракција. Ние сакаме да се движиме во тој правец, да го зголемиме таа нота и Карневалот да се развива во правец на туризмот и привлекување на што поголем број посетители, не само од нашата туку и од соседните држави“, изјави Снеже Ристески, советник за култура во Општина Прилеп.
Карневалот годинава одбележа 25 години постоење и 100 години од основањето на здружените Прилепски Мечкари.