По повод Денот на планетата земја 22 април графичката струка при СОУ Ристе Ристески Ричко од Прилеп, во соработка со Ротари клубот од овој град и Општина Прилеп после пауза од 8 години ја возобнови еко акцијата „Рециклирам значи постојам“, во која се собраа над 15 тони на хартија. Годинава во еко акцијата се приклучија графичките струки од средните училишта „Таки Даскалот“ од Битола и „Димитар Влахов“ од Скопје, како и Ротари клубовите од овие два града.
„Кога ги поставувавме целите на самата акција, една од поприоритетни цели ни беше да ја подигнеме еколошката свест, како кај учениците, така и кај граѓаните, рециклирањето да го прават секојдневно, не само на овие значајни датуми. Акцијата завршува денес, но тоа е официјалниот дел, неофицијално би сакале таа да продолжи и понатаму. Како завршен дел од планираните активности за оваа акција е екскуризија за учениците од секторот графичарство до националната работилница за изработка на хартија во Охрид“, изјави Александар Костадиноски, професор по стручни и графички предмети во СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ Прилеп.
Акцијата се одвиваше една недела, од 15 април, па се до денес.
„Во текот на оваа акција ние заштедивме 15.000 килограми хартија на ниво на цела Македонија, значи на трите училишта, со што заштедивме 390.000 литри вода, 295 дрвја кои би се пресекле за производство на хартијата, како и 15 тона јаглерод диоксид кој би се ослободиле во атмосферата со самото производство на оваа хартија. Воедно се заштеди и 49.5 метри кубни простор на депониите кој би се опфатил со оваа отпадна хартија“, додаде Меланија Мицкоска, ученик во СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ – Прилеп.
„Со оваа акција ние држевме предавања во средните и основните училишта, да ја подигнеме самата свест кај децата за колку ние дневно, свесно или не, го загадуваме воздухот, водата, со самото нерециклирање на хартија“, истакна Милана Димитриеска, ученик во СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ – Прилеп.
Се планира оваа акција да продолжи и в година, повторно да стане традиционално, како и да се зголеми нејзиниот опфат.