Страшна и тажна е денеска глетката во мариовското село Чаниште, каде во вчерашниот пожар изгореа над 15 куќи и објекти. Станува збор за село кое е ретко населено со 10-тина постојани жители и е оддалечено околу 35 км. од Прилеп на доста непристапен терен. Огнот започнал околу 13.30 часот надвор од селото и за кратко време навлегол во селото каде започнала вистинска драма. Жителите и денеска се во шок, дел од куќите се уште гореа.
„Долу имаше во чадот загушени луѓе, на раце се вадеа, брзата помош беше овде, пожарникарите помагаа и со мене на раце ги вадевме жените, системи се примаа, кислород се даваше. Во селото 14-15 куќи се изгорени“, рече една жителка на с. Чаниште.
„Гасневме колку што можевме со лопати, со вода во тубиња од бунари, трчај ваму, трчај таму, гаси куќи. Од вчера воопшто не сме застанати, само 2 саати сме спиени и тоа на рати спиеме, се менуваме“, додаде друг жител на селото.
„Страшно беше кога гореше охнот, како нема да биде страшно кога се гореше таму“, вели друг жител.
Огнот во селото влегол точно од ова место и се ширел низ населеното место со огромна брзина поради сувата трева и густата вегетација. За среќа нема повредни, ниту жртви, а дополнителна опасност за жителите освен огнот претставувале и гранатите од првата светска војна, при што експлозии се слушале за целото време додека горел огнот во и надвор од селото.
Од ТППЕ Прилеп реагирале итно со 4 возила и 12 пожарникари, но далечината си го направила своето. Од Прилеп до тука има скоро еден час само возење. Пожарот сега е надвор од селото но се уште гори поделен во два крака. Иако вчера била побарана воздушна поддршка истата не била испратена од ДЗС.
„ Пожарот уште трае, не изгасен, само е локализиран, далеку е од селото, но опасност постои да се врати во правец на селото. Но ние сме тука, на ниво на задачата“, кажа Виктор Стојчески, командир на ТППЕ Прилеп.
„Еден крак се ближи тука према реката Црна, према Расимбегов мост и манастирот Свети Ѓорѓија, што е таму на тој дел, а друг крак се движи према битолската страна, мислам дека и веќе премина на територијата на соседна Битола, но тој крак уште синоќа кога бев овде, до 23 часот, кажав дека постои опасност тој крак повторно да се врати назад и да се врати во овој дел“, рече Јован Јован Аврамоски, инспектор за заштита и спасување во ДЗС.
„Ве молам бидете претпазливи, реагирајте кај надлежните институции, во полиција и противпожарната единица ако видите движење на непознати лица во околината на Прилеп и населените места за да може што е можно побрзо да се интервенира“, изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.
Екипите остануваат на терен, а исто така се повикуваат и доброволци кои сакаат да помогнат во справувањето со огнот кој има потенцијал да стане најголемиот пожар оваа сезона.