ЈКП „Водовод и канализација“ Прилеп ги известува жителите на градот кои користат вода за пиење од регионалниот водоснабдителен систем „Студенчица“ и градските извори дека пијат безбедна вода од градскиот водовод. Стручните служби на претпријатието секојдневно вршат мониторинг на водата за пиење и земаат примероци од 7 мерни места. Резултатите од извршените физичко-хемиски анализи покажуваат исправност на сите земени примероци на вода за пиење од градскиот водовод и сите параметри се во согласност со правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење, со што може да се каже дека граѓаните на град Прилеп пијат безбедна вода од градскиот водовод.
„Во секојдневна комуникација сме со ЦЈЗ и доколку има потреба реагираме соодветно. Ги замолуваме граѓаните да не подлегнуваат на лажни тревоги по социјални медиуми за безбедноста на водата за пиење, туку да ги слушаат и читаат известувањата од акредитираните лаборатории и соодветните институции што се грижат за одржување на јавното здравје на населението.
Секојдневно се земаат примероци од 7 мерни места, сите досегашни примероци се исправни. Покрај тоа, Центарот за јавно здравје од Прилеп исто така секојдневно зема примероци од водата и прави тестирање за здравствената безбедност на водата за пиење, како физичко-хемиска, така и микробиолошка. Нивните резултати се официјални и ние како „Водовод и канализација“ се базираме према нивните извештаи. Нашата лабораторија служи само за наша интерна контрола. Проверуваме количина на резидуален растворен хлор, кој е основен параметар. Законските параметри се од 0.2 до 0.5 милиграми на литар вода растворен резидуален хлор. Моментално во Прилеп резултатите се околу 0.4 милиграми.
Исто така во секојдневен контакт сме и со нашите колеги од „Студенчица“, информациите ни говорат дека има доволно количини на сурова вода, бунарските постројки не се во функција, сета количина на вода за пиење во град Прилеп е од регионалниот водоснабдителен систем и од нашите извори. Сета вода е контролирана и сите резултати се позитивни во контекст на квалитет“, изјави Ѓоко Јочкоски, генерарален директор на ЈКП „Водовод и канализација“ Прилеп.
Од Центарот за јавно здравје апелираат до граѓаните да не шират шпекулации и дезинформации за квалитетот на водата во Прилеп, која е комплетно исправна за пиење. Истакнуваат дека месечно се прават и до 70 контроли и дека тие информации се јавно достапни за граѓаните.
„Договорениот обем со ЈКП, ние како ЦЈЗ го реализираме со земање на примероци на вода за пиење од 15 мерни места низ градот. Тоа е веќе договорен распоред со надлежните служби на ЈКП, со цел да не се дуплираат мострите од мерните места, како би имале контрола на целиот град. Во тек на еден месец изнесуваат од 60 до 70 контроли на примероци за вода за пиење. Од 01.07. до вчера во град Прилеп се земени 55 примероци на вода, од тие 55 анализирани примероци бактериолошки се сите исправни, а имаме еден кој отстапува на зголемена матнотија поради дефект во одреден регион. Наредниот ден истиор реон е повторно анализиран и водата е здравствено исправна. Од почетокот на годината до завчера од градскиот водовод имаме анализирано 449 примероци на вода за пиење и детектирани се само 3 бактериолошки неисправни води на сирова вода пред хлорирање, но во истите денови низ целиот град имало исправна и хлорирана вода. Тоа е доказ дека ние работиме и не ги криеме податоците.
Ова сакам посебно да го нагласам, бидејќи во последните денови слушаме секакви информации, дезинформации и коментари дека во Прилеп водата не се испитува. Со полна одговорност и со моето 30 годишно искуство во оваа област, но и како надлежен раководител на службата за хигиена во ЦЈЗ, за некаде преку 100.000 жители кои се во наша надлежност, дека водата во Прилеп е една од најконтролираните води во Република Македонија. Со ваков обем на анализирање на примероци од 700 до 800 во текот на годината, јас мислам дека пола Македонија да се соберат нема да има таков обем на анализирани примероци од градските водоводи. Водата се испитува во санитарно микробиолошка лабораторија и во физичко-хемиска санитарна лабораторија, по акредитирани методи. Уште еднаш апелирам до сите кои не ја познаваат нашата струка, нашата дејност и работата на јавното комунално претпријатие да не коментираат, да не даваат непотребни изјави, слободно нека се јават, по Законот за достапност на јавни информации во секој момент и на секого ние ќе дадеме информација од јавен карактер каква е водата“, истакна Петар Оханесијан, надлежен раководител на службата за хигиена во ЦЈЗ.