Во Струмица денеска ќе се одржи првата заедничка седница на владите на Македонија и на Бугарија

Facebook
Twitter
Email
Print

Македонија и Бугарија денеска во Струмица во Домот на АРМ ќе ја одржат првата меѓу-владината седница. Со седницата ќе заседаваат двајцата премиери Зоран Заев и Бојко Борисов.

 

Како што соопшти владината прес-служба, се очекува на седницата да бидат потпишани договори и меморандуми и да одржат заедничка прес-конференција. Засега не се соопштуваат детали за составот на тимовите кои ќе ги предводат премиерите на двете земји.

 

Во фокусот на разговорите ќе да биде напредокот на добрососедските односи меѓу Бугарија и Република Македонија, како и други теми од заеднички интерес со цел зајакнување на дијалогот и партнерството меѓу двете земји.

 

Ќе се разгледуваат можностите за активирање на односите меѓу министерствата за надворешни работи, интеракцијата и меѓусебната помош при катастрофи, поддршка во обуката и подготовка на војниците од вооружените сили на Република Македонија, соработката во областа на телекомуникациите, инвестициите и енергетиката.

 

Планирано е и усвојување на заедничка декларација како знак на одбележување на добрососедските односи меѓу двете земји.

 

Според агендата, предвидено е положување цвеќе на споменикот на поранешниот претседател Борис Трајковски, а ќе биде предадена и донација на општина Струмица од страна на бугарската Влада.

 

За потребите на медиумите во Домот на АРМ во Струмица, ќе бидат обезбедени работни простории.

 

Ова е прва меѓувладина седница што ја одржува Владата на премиерот Заев со Влада на држава од соседството. Во декември во Подградец е договорена и заедничка владина седница меѓу Албанија и Македонија.

 

Вчера за време на официјалната посета на Белград на премиерот Заев договорена е и заедничка седница на македонската Влада со Владата на Република Србија. Како термин за седницата се наведува крајот на февруари почетокот на март, месец, идната година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира