На 25 септември 2026 г. од 19.00 ч. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Градот во мене“ од академскиот уметник Александар Џинго. Изложбата е дел од годишната програма на Центарот во програмата од визуелни уметности, поддржана од Министерството за култура и туризам.
За изложбата:
„Градот во мене е насловот од најновиот циклус уметнички дела од реномираниот автор м-р Александар Џинго. И тој наслов пред се, е потребно да се разбере како метафизичка состојба на уметникот абсорбирана од идејни простори и мисловни процеси, референтни со општочовечка универзална душевна внатрешност, давајќи ѝ на ограничувачката реалност еден возвишен естетски израз на постоење. Делата комуницираат со историското во уметноста преку академскиот реализам, а со актуелното, преку современата апстракција – и така, создаваат моќна фузија меѓу класичната уметност и современиот експресионизам. Разложувањето на класичната композиција до апстрахирана форма и пресоздавањето на формата од хаосот на распрснатите капки и експресивни потези, објавуваат емотивни тонови на носталгија и енергична надеж за раѓање на нова убавина. Процесот на создавање деконструирани ликови е начин за разоткривање на човечката душа преку пресеците на фигурата врз органски апстрахираната позадина на кадрите.
Во некои дела апстрахираната форма ја разоткрива емоцијата на идејата преку бојата, а конкретната форма ја изнесува конструкцијата на супстанцијата од реалитетот на формата. Оваа дисекција на постоењето како присутност во формата и надвор од неа, е силно личен филозофско-ликовен јазик, со кој уметникот продолжува да ги изнесува можностите на личната интерпретација на човечкиот портрет и фигура. Од технички аспект, делата се одликуваат со совршена рамнотежа меѓу цртачката техника со јаглен и контролираната линија, од една страна, и сликарскиот колорит (реализиран со маслени бои, мрсен пастел и акрил), од друга страна. Овој колорит варира од монохроматски до полихроматски, изразен преку слободен, речиси неконтролиран потег. Ваквото комбинирање на техниките успешно го дефинира трансформативниот стил на композицијата – тој е елегантен, динамичен и просторен, со силен авторски печат врз платната.
Боите се воглавно непастуозни, со воздушести, прозрачни и транспарентни вредности, понекогаш поставени или како контраст или како благи премини и ефектни светлосни решенија кои детектираат и асоцијации на трансцедентна архитектура во духот на уметникот што создава. За крај може да се каже и тоа дека гледачот се наоѓа пред интроспективни уметнички остварувања во голем формат, мошне погодни за уметнички простори, дела со моќна визуелна појавност која овозможува естетско и енергетско препознавање на сопствените емоции и импликации од надворешната средина. Присуството крај овие дела овозможува да се почувствува естетска сензација каква што се доживува пред квалитетните експресионистички поставки во светските модерни галерии“, вели Бранче Трајкоски.
Податоци за уметникот:
Александар Џинго е роден во Прилеп, 1976 година. Своето уметничко образование го започнува во 1991 година во УПУ Лазар Личеноски, а го заокружува во 2003 година на факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде што се стекнува со звањето магистер по ликовна графика. Творечкиот опус на Џинго опфаќа повеќе ликовни дисциплини. Покрај графиката како примарна вокација, тој со еднаков авторитет ја истражува и негува креативноста преку сликарството, модниот дизајн и костимографијата, градејќи препознатлив уметнички израз. Неговиот визуелен јазик и имагинација се потврдени преку бројни самостојни и групни изложби, учества на графички биеналија, ликовни колонии и модни ревии (меѓу кои и саемот за мода „МОДЕСТ“). Неговиот авторски печат е присутен и во театарски и филмски костимографски решенија, дизајн на корици на книги, илустрации, како и изведба на мурали и други уметнички проекти. Денес, Александар Џинго живее и твори во Прилеп, каде што работи како професор во средно образование, пренесувајќи ја својата љубов кон уметноста на новите генерации.