Заводот и музеј Прилеп започна со реализација на проектот за основна превентивна заштита на Македониумот, при споменичниот комплекс Илинден во Крушево. Станува збор проект во вредност од 5.5 милиони денари, со кој што ќе се направи метална конструкција околу галериите на Македониумот, што треба да го спречи понатамошното течење на вода во самиот споменик, а со тоа и понатамошно оштетување, се до изготвувањето на основниот проект со кој што ќе се изврши санација и реставрација на целиот споменик, кој во ноември 2025 година беше прогласен за културно добро во опасност.
После долги години проблеми со течење на вода при секој дожд и снег во самиот споменик од рамките на галериите, што предизвикуваше оштетување на внатрешноста на Македониумот, но и создаваше грда слика пред туристите, реализацијата на овој проект започна на 20 јули и треба да биде завршен до крајот на овој месец.
„Во ноември 2025 година беше прогласен за културно добро во опасност, каде националната установа Завод за заштита на спомениците на културата подготви проект за прогласување на културно добро во опасност, при што добивме средства од Влада во вредност од 5.5 милиони денари за превентива и заштита. Се изготви проектот и како што беше сработен од страна на Заводот, се започна со реализација на 20 јули и ќе биде завршено до крајот на овој месец. Превентивата предвидува заштита на четирите витражни стакла и четирите обични стакла кои се поставени на Македониумот, а тоа е за да се запре протекувањето на водата од што настанува најголемото оштетување на самиот Македониум. Во позадина може да видете дека е поставен кранот, утре се поставува платформата со која ќе бидат поставени тие конструкции на самиот Македониум. Ова е основен проект за превентивна заштита, превентивата завршува до крајот на јули, а во тек е изготвување на основен проект за конзервација и реставрација на Македониумот со кој е целосно опфатен, од статика, градежни зафати, заменување на витражните стакла, металната конструкција…“, изјави Мимоза Христоска, директор на Завод и музеј Прилеп.
„Во моментот, со цел да се заштитат галериите со витражи кои имаат големи оштетувања, но и стаклените галерии, се изработува на лице место и се монтира челичната конструкција, која е изработена од кутиести профили со различни димензии. Поставена ќе биде однадвор на галериите на првото ниво застаклени со стакло, како и на второто ниво на сите 4 витражи. Над неа се поставува лексан со дебелина од 16 милиметри, со што ќе постигнеме да не протекува повеќе вода во споменикот, се додека не го изработиме и изведиме основниот проект за конзервација, реставрација и санација на целата купола од споменикот“, додаде Сузана Грибовска, конзерватор, советник и архитект во Завод и музеј Прилеп.