Надворешната средина е место во кое децата учат и растат. Тие покажуваат љубопитност кога си играат надвор, во простор кој не е опколен со четири ѕида, работите секогаш се менуваат. Тука децата можат да учат во сите аспекти на развојот, а ние може да го поттикнеме овој развој преку разни активност, набљудувања, истражувања, преку интеракција со предметите од околината, како и со некои насочени активности.
Надворешната околина во себе вклучува, не само игра, туку и сознајни активности, во паркот, шумата, дворот.

Временските промени се битна карактеристика на околината. Децата можат да ги забележат и осетат во сите годишни времиња. Децата многу сакаат да бидат надвор кога е врнежливо и да уживаат во капките дожд и во вирчињата од вода. Материјалите како топки, хула- хоп, обрачи, можат да понудат пријатни можности за учење.
Набљудувањето на птиците како го напуштаат гнездото, тркалањето по трева, вдишување воздух после пролетен дожд, топењето на снегот, така забележуваме како годишните времиња се менуваат, тие сите исто така се надворешни доживувања. Сфаќањето дека надворешната околина е важна за учење на децата ( а не само место каде можат да се истрчаат) ни овозможува да погледнеме кон надворешната средина од друг аспект и да планираме креативни начини за да ја искористиме.
Многу здраво е и за детето и за нас да дишеме свеж воздух и да уживаме во слободата на отворениот простор.

Движењето и промената на амбиентот ослободуваат од стрес.
Сите аспекти на развојот на децата се унапредуваат преку контактот со надворешната околина. Тука се вклучуваат физичкиот развој, социјални вештини и културни познавања, но и емоционален и интелектуален развој.
Безбедноста на децата треба да е основна грижа во надворешниот простор за игра.
Децата додека играат треба да се надгледуваат, да се гарантира нивната безбедност. Децата треба да стекнуваат навики за безбедност и во занималната и додека се надвор. Ова ќе им помогне да размислуваат за безбедноста и лично да се одговорни за тоа.
Активностите од кои учат надвор се безбројни:
– драмските игри
– игра со копање вода и кал
– работа со дрво
– јадење надвор
– градинарство
– прошетка
И многу други кои се од големо значење за развојот на децата.
Исто така вклучувањето на родителите во надворешните активности е многу значаен фактор за развојот на децата. Тоа е прекрасна можност да ја видат вредноста на надворешната околина како извор на сознание за нивните деца.

Автор : Габриела Зарич, негувател во ЈОУДГ ,,Наша иднина‘‘ Прилеп.