Од 300 до 600 евра ќе бидат казните за родителите кои одбиваат да ги вакцинираат своите деца, изјавија од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Според инспекторатот, доколку родителите не ја платат казната, за нив ќе следи и прекршочна пријава.
„Тоа што ќе ја платат казната, нема да го ослободи од вакцинација нивното дете, бидејќи тоа и понатаму нема да биде примено во градинка или училиште“, појаснуваат од инспекторатот.
Доколку родителите не ги вакцинирале децата и со други вакцини, следува дополнителна казна.
Од понеделникот стартуваше теренската вакцинација на децата по училиштата, а се засилува и вакцинацијата на децата од предучилишна возраст.