Нивниот бранител рече дека сѐ уште не им се презентирани доказите, а процесот е во предистражна постапка. Неофицијално осомничени се за лажен стечај, за злоупотреби на средства на доверители, поврзани со работата, односно падот на МПМ и згаснувањето на дневните весници, Утрински весник, Вест и Дневник.
Додека на вработените во весниците им доцнеа платите и надоместоците, во јавноста излезе документ, односно анекс договор дека директорката Јана Станисављева земала месечна плата од 25.000 евра во денарска противвредност. Стотина медиумски работници минатата година останаа без работа отакако МПМ влезе во стечај.
Постапка за финансиските злоупотреби во МПМ отвори ОЈО Скопје, откако кривична пријава поднесе Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија. Надлежноста за испитување на евентуален економски криминал ја презеде СЈО бидејќи потекнува од прислушуваните разговори.
Oбвинителството ги проверувало финансиските исплати во време кога весниците згаснуваа поради финансиска криза, а сомнежите се проверуваа преку Одделението за компјутерски криминал во МВР.
Истражители на СЈО минатата година влегоа во просториите на МПМ, чиј сопственик до пред истрагата беше Графички центар Скопје , кој беше во сопственост на Орка Холдинг на Орце Камчев.