Наводното убиство на рускиот новинар Аркадиј Бабченко во вторникот во Киев всушност било трик на украинската полиција за спречување на планираниот напад, објавија украинските власти.
Украинската безбедносна служба го лажирала убиството на новинарот Аркадиј Бабченко кој важи за остар критичар на рускиот претседател Владимир Путин, за да ги фати луѓето кои сакале да го убијат. Шефот на украинската безбедносна служба Васиљ Храјцак потврди дека ја лажирале неговата смрт за да ги уапсат оние кои го планирале неговото убиство.
„Според информациите добиени од украинската безбедносна служба, самите руски безбедносни служби наредиле да се убие рускиот новинар Аркадиј Бабченко“, рече Храјцак.
Полицијата соопшти дека уапсила еден човек во рамките на вонредната операција.
Откако светските медиуми ја објавија веста за убиството на Бабченко, тој се појави на конференција на украинската телевизија. Бабченко им се заблагодари на украинските безбедносни служби за спасувањето на неговиот живот.
Бабченко е еден од најпознатите руски воени репортери. Тој ја напуштил Русија поради заканите по живот кои ги добивал поради критизирањето на руската политика во Украина и Сирија.