Првиот колектив на сексуални работници „Стар-стар“ во рамките на кампањата за одбележување на 17 Декември, Меѓународен ден за ,,стоп” на насилството врз сексуалните работници, во 12 часот пред платото на спомен-куќата на Мајка Тереза, одржа марш под мотото „Декриминализација сега“.
„Сексуалните работнички го креваат гласот против насилството. Имаме резултати после десет години има силна заедница и поддржувачи и горди сме за тоа. Но, нема слух од институции, професионални социјални служби и полиција. Ве молиме да ги тргнете на страна предрасудите и осудите“, порачаа од маршот на сексуалните работнички кои беа со црвени чадори.
„Срар-стар“ и сексуалните работници се приклучуваат кон глобалната акција за солидарност кон сексуалните работници со цел да се намали насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочува оваа маргинализирана група.
,,Со пораката ‘Декриминализација сега!’ ги охрабруваме институциите и стручната јавност да го отворат прашањето за регулација на сексуалната работа. Ние и сексуалните работници сметаме дека декриминализацијата на сексуалната работа претставува најдобра политика за унапредување на здравјето, благосостојбата и човековите права на сексуалните работници. Овие заложби се засноваат врз потребите на сексуалните работници за заштита на нивните права, за создавање безбедни услови за живот и работа, како и превенција од насилство и експлоатација”, се наведува во повикот.