„Падот на ангелите“ – изложба од уметникот Никола Пијанманов во Цепенков

На 6 октомври 2025 г, понеделник од 19.00 ч. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ Прилеп ќе биде отворена изложбата „Падот на ангелите“ од уметникот Никола Пијанманов.

Изложбата е поддржана од Министетството за култура и туризам.

„Уметноста не како последен бастион на креативноста и слободата на духот, туку како веќе единствена рефлексивна длабочина во која можеме бескомпромисно да си ги огледаме стврднатите души и прегорените емоции.

Последен подвиг за кој треба карактер, доблест и целосно скротена суета. И во тој морничав огледален одраз ќе ги видиме сите беспомошни и безмилосно згазени, сите луди војни и грозоморни геноциди, сета светска неправда и безумие, сиот систематски хаос и пекол кој ни ја краде сегашноста и убива иднината.

И токму за сите тие беспомошни – за девојчето чија солза е единствен знак на живот врз од смрт преплашеното лице, за очајните и болните по болничките чекалници, за проколнатите без никаква вина, за сите избодени, скршени и паднати ангели во и околу нас, за сите згаснати соништа и радости – за сите нив овие слики гласно молчат“, вели Александар Еленин за изложбата од уметникот.

Никола Пијанманов е роден во Струмица.

Образование:

– Средно Уметничко Училиште „Лазар Личеноски“( 1996 -2000 ) Скопје

– Факултет за Ликовни Уметности Св. Кирил и Методиј (2000-2005) Скопје

– Дипломирал во класата на професорот Рубенс Корубин 2005 год.

Реализирал самостојни изложби во Струмица, Скопје, Велес,  Куманово, Прилеп и во Хрватска, додека групни има во земјава и во странство.

Студиски престој во Париз во Cité internationale des arts јули/август 2022 год. Резиденцијален престој во Њујорк август 2024 год.

Учестувал на повеќе колонии, а изработил повеќе сценографии, дела во јавен простор и фрескоживописи.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира