Затвореници од затворот Идризово попладнево соопштија дека го прекинуваат штрајкот со глад откако по средба со директорот добиле уверување за средба со владата на која ќе ги претстават своите барања. Семејствата на затворениците го откажаа и за утре најавениот протест пред владата.
Ние осудените лица го известуваме директорот на КПД Идризово дека од денес претходно најавениот штрајк го ставаме во мирување, бидејќи со него е постигнат договор да ги претставува нашите барања пред надлежните институции“, пишува во писмото на затворениците од Идризово.
Затворениците бараат амнестија и за нив како и за 27-ми април, да се преиначат доживотните затворски казни во определени временски казни, ревизија на сите судски процеси за кои сметаат дека се монтирани и европско регулирање на статусот на затворениците од странство.
Штрајкот со глад, затворениците го почнаа во понеделник незадоволни што за 27-ми април политичарите подготвија амнестија за своите колеги. Штрајкот се одвиваше без поголеми проблеми, а од попладнево е прекинат поради најавена средба со премиерот и претставници на владата.