Прилепчаните Михаил Петкоски, Иво Иваноски, Милан Јаковоски, Филип Илиоски и Љупче Петрески успешно го искачија Гросглокнер (3.798 мнв) – највисокиот врв во Австрија.
Станува збор за планински врв кој изобилува со доста технички тежок терен и кој претставува вистински предизвик да се искачи.
Целата експедиција била во времетраење од 2 дена, при што првиот ден се искачиле до планинарскиот дом „Studlle Hutte“, додека вториот ден до Гросглокнер, по што се спуштиле до паркингот од каде што започнало целото патување.
„Во идеални временски услови, по глечерите и завршниот алпинистички дел, петмината стигнавме до врвот, каде што го развеавме македонското знаме. Се движевме по патека која што е комбинација на трекинг, глечери, карпи, фиа ферата, што ја прави исклучително тешка и авантуристичка, но сето помина во најдобар ред и според планот. Целата патека изобилуваше со незаборавни глетки и пејсажи, а чувството кога се искачивме на врвот беше навистина неверојатно и не може да се опише со зборови, сепак ова беше авантура која треба да се доживее“, изјави Филип Илиоски.
Честитки за целата екипа, а повеќе информации околу целата оваа авантура очекуваме по нивното враќање во Македонија.