Министерството за економија ги демантираше информациите дека на почетокот од 2019, во рамки на новиот закон за трговија, нема да се продава облека, текстил, козметика и други непрехрамбени производи на тезгите од зелените пазари.
„Продавачите на текстил, обувки и друга непрехрамбена стока и понатаму ќе продолжат да ги продаваат своите производи на зелените пазари. И тие како и останатите продавачи на зелените пазари ќе добијат лиценци за вршење трговија на истите“, децидни се во Министерството.
Во меѓувреме продавачите на конфекција и други производи, кои не се прехрамбени, продолжуваат со своите продажби на тезгите.
Сите други акти, како што се обезбедувањето на лиценците, неможноста продавачи да бидат пензионери и вработени на друго место, како и тоа дека може едно лице да закупи само една тезга, остануваат на сила од 1 јануари.