Четиричлена криминална група која подолг период препродавала кокаин била мета на вчерашната акција на МВР во скопски Чаир, населбата Ченто и селото Грушино. Меѓу корисниците на кои им бил продаван кокаинот имало директори, адвокати, менаџери, банкари, но и доушници во МВР, кои ги известувале околу активностите на полицијата.
Во акцијата покрај количеството на дрога, пронајдено било и огнено оружје, а приведени се тројца од групата, додека за едното лице се уште се трага.
„За време на спроведувањето на криминалистичкото истражување, обезбедени се голем број на материјални докази и документирани се бројни купопродажби на кокаин кон менаџери на кафе барови, ноќни клубови и ресторани, потоа адвокати, директори, банкари и вработени во јавна администрација, при што лишени од слобода беа 12 лица“, велат од МВР.
Истрагата била водена изминатите 3 месеци, а од МВР соопштуваат и дека ќе ја прошират кон полициски службеници за кои се сомневаат дека биле вмешани во коруптивни дејствија. Четиричлената група, информации добивала и од службеници во судот, за конкретни судски постапки кои се водат против нив. Сепак, од полицијата велат дека акцијата започнала откако лидерот на групата се обидел да ја напушти државата и бил уапсен на аеродромот во Скопје со голема количина на парични средства.
Од министерството посочуваат дека преку продажбата на кокаин, овие лица се стекнале со голема финансиска добивка, кој ја инвестирале во купување на луксузни автомобили, станови и изградба на куќи.
Во акцијата одземени биле и неколку возила и парични средства, а количината и квалитетот на одземениот кокаин, како што велат од полицијата, дополнително ќе се утврдува.