Утре, на 2 април со почеток во 20 часот пред прилепската публика премиерно ќе биде изведена новата претстава на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, „Саатот“, под текст на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, а во режија на Кристина Димитрова.
Ова е претстава за судирот меѓу објективното и субјективното време кои ретко се синхронизирани, но и за повторливоста наспроти минливоста – две спротивности од кои колку и да бегаме, секогаш, без исклучок, нѐ наоѓаат.
„Персонифициран ѕиден часовник е дел од животот на еден брачен пар – постојано ги следи, им го окупира просторот и буквално им го одбројува времето. Проблемот започнува токму од нивниот различен однос кон времето: додека мажот е спокоен и нема проблем со присуството на саатот, на жената ѝ пречи неговото непрекинато чукање, ја прави нервозна и премногу свесна за поминувањето на времето. Таа упорно го наведува сопругот да заминат некаде и да почнат да прават нешто значајно со своите животи пред да биде предоцна, но каде и да оди, што и да прави, таа не успева да се ослободи од чукaњето на саатот. Времето не гарантира смисла – ни овде, ни никаде.“
Режисерката на претставата, Кристина Димитрова рече дека е интересно, но и предизвик да се работи на темата време, да се види како актерите го доживуваат времето, како ликовите во драмата го доживуваат времето, како реагираат на тоа.
„Беше многу интересно да се работи на тема време, како актерите го доживуваат времето, како ликовите во драмата го доживуваат времето, како реагираат на тоа. Исто така се занимававме на темата на рутина, љубов, близина, но истовремено и осаменост и тоа создаде посебна атмосфера во претставата“, рече Димитрова.
Авторот на текстот, Лидија Митоска-Ѓорѓиевска кажа дека и претставува особена чест што нејзиниот прв текст, за прв пат се поставува токму во нејзиниот матичен театар. Низ смеа истакна дека штом текстот ја преживеал неа, сега може и треба да живее на сцената.
„Посебна чест ми е што мојот прв текст, за прв пат се поставува во мојот матичен театар. Знаете колку е тешко да се биде пророк во своето село.
Јас би сакала да кажам дека низ овој процес кој е исклучително значаен за мене дознав една работа, очигледно постојат 2 типа на автори. Едните се оние кои веруваат во своето дело, во она што го напишале и докрај се борат за него, а другите се оние кои секогаш се сомневаат во сѐ што напишале, го преиспитуваат секој свој збор и се борат не за делото, туку со делото, или против делото. Јас сум од вторите. На таквите автори им е потребна силна екипа која многу верува, оваа екипа што ја гледате цела лавовски се бореше за да го задржи секој мој збор, да го задржи текстот во целост, бидејќи јас имам професионална деформација како драматург, а драматурзите знаете што прават, кратат и менуваат.
Сега откако заврши овој процес се чувствувам лесно и исполнето, како да се случило нешто што требало да се случи, а јас не сум можела да го предвидам, бидејќи кога го пишував текстот воопшто не си замислував дека ќе се поставува на сцена, го пишував едноставно затоа што морав да го напишам.
Има огромна разлика во сликите што замислував додека го пишував текстот и сега кога е поставен на сцена. Не можев да замислам дека ќе се добијат овие аспекти кои Кристина успеа да ги извлече заедно со актерите од текстот, ми покажа дека текстот е подлабок од тоа што јас мислев дека е, дека дава повеќе можности од тоа што јас можев да си го замислам. Сето тоа се вклопи сценографски, костимографски и музички. Оваа екипа го облагороди она што јас сум го направила, без оваа екипа немаше да биде возможно текстот да го доживее својот вистински потенцијал“, рече Митоска-Ѓорѓиевска.

Актерите во претставата потенцираа дека им претставува чест што ќе бидат дел од првенчето Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.
„Многу ми е драго што сум дел од ова првенче на Лидија. Баш со Михајло разговаравме, од „Чиста куќа“ па наваму, чувствувам поддршка од нашата публика за тоа што ни се случи со театарската зграда, некако претставите публиката ги доживува многу блиску, многу лично, секој се пронаоѓа, така беше со „Чиста куќа“ и „Црнила“, а истото се случува и со оваа претстава. Многу се блиски, многу човечни, многу емоции се испреплетени и секоја претстава од овие што ги кажав буди различна емоција и секој се препознава. Дури и ние кои работевме си препознаваме по нешто од себе си и баш ни е драго, ова не беше планирано вака да излегуваат претставите по ред, ама имаме прекрасна претстава“, рече Наташа Ачански која ја игра Вера во претставата.
„И мене многу ми е мерак, но јас чувствував дополнителен притисок, бидејќи авторот на текстот ми е сопруга. Независно од нашите семејни односи, многу е ми ќеф што се поставува домашен автор, прилепски автор, што е секако за почит, особено кога текстот навистина е феноменален. Претставата е навистина супер, рефлектира тоа што ни се случува како внатрешен живот и како општество и мислам дека секој се пронајдува овде“, кажа Димитар Ѓорѓиевски, кој ја толкува улогата на Јован во претставата.

Музиката во „Саатот“ е дело на Филип Јездиќ и Томе Темелковки.
Јездиќ, кој во претставата ја игра и улогата на Саатот рече дека му претставувало предизвик како ќе се вклопи на сцената со актерите, бидејќи ова е негова прва актерска улога.
„Во поглед на музиката, тој процес беше стварно едноставен, јас и Томе немавме некои големи разговори што би правеле, едноставно како што се развиваа пробите, со поставување на мизансцен и сценографија идеите сами се отплеткуваа. Мој поголем предизвик беше како ќе се вклучам со актерите на сцена, бидејќи ова е и моја прва актерска улога и тоа ми создаде поголем притисок, а во поглед на музиката процесот си течеше многу глатко“, рече Јездиќ.
Томе Темелкоски потенцираше дека целата музика и сите звучни ефекти во претставата се во живо.
„Сите звучни ефекти се правени во живо, дел музиката што ја прави Филип Јездиќ, дел јас ја превземам, ја лупираме во живо. Сите ефекти дали снимени, дали изведени на сцена се во живо, музиката исто така е целосно во живо без разлика дали свирам јас или тој во моментот и доста хомогено влезе во претставата, многу лесно се вклопи. Имаме убава претстава, мене многу ми беше забавен процесот“, рече Темелкоски.

Пораката на сите беше дека театрите низ Македонија треба што е можно повеќе место да им отстапува на домашните автори. Раководителот на прилепскиот театар, Михајло Миленкоски истакна дека сите театри во Македонија треба повеќе да ги поддржуваат македонските автори, затоа што тоа е нашиот идентитет, нашата култура.
„Многу сум горд и искрено не знам дали можам да ја пренесам таа среќа преку камерите до публиката, што денеска треба да го најавам тимот на првата претстава од овогодинешната програма на нашиот театар. Посебна гордост и среќа ми прави тоа да го најавам текстот на Лидија. Како театар и како ансамбл мислам дека ние, а и цела наша држава, сите наши театри треба да ги поддржуваме нашите македонски автори и колку што можеме и колку што ни дава простор и програмата, да земаме по еден македонски автор. Македонските автори треба да гледаме колку што можеме повеќе да ги ставаме во нашите репертоари, бидејќи тоа е нашето богатство, тоа е нашиот индентитет, тоа е нашата култура“, истакна Миленкоски.
„Благодарност до директорот што го одобри овој проект, бидејќи се обидуваме со години да го поставиме на сцена на разни театари низ Македонија, и ова е еден апел, бидејќи сметам дека без македонска драма нема македонски театар, тоа треба да ни биде јасно. И не само една драма, туку повеќе драми, бидејќи само така можеме да создадеме наш автентичен театар“, рече режисерката Димитрова.
Директорката на Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп, Марија Попова Јованоска истака дека „Саатот“ е една од петте претстави на кои годинава ќе работи прилепскиот театар, а со поддршка од Министерството за култура и туризам.
„Сакам да истакнам дека оваа година со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам ќе реализираме вкупно 5 проекти од областа на драмската дејност, односно 5 нови претстави, а тие се „Животинска фарма“, „Девојките на Марко“, „Лет над кукавичното гнездо“, „Ловец“ и „Саатот“, а „Саатот“ е првата од нив. Претставата се подготвуваше во Сцената 105, простор кој овозможува поинтимен и пофокусиран сценски пристап“, рече Попова Јованоска.