ССНМ на работната средба со новинари и медиумски работници во Прилеп разговараше за конкретни мерки за подобрување на условите за работа, со акцент на даночните олеснувања и колективното договарање. На средбата беа претставени и активностите на Женската медиумска мрежа „Еднаква“, со повик за поголемо вклучување во унапредувањето на родовата еднаквост во медиумите.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на барање на колегите од прилепските медиуми во вторникот, на 7 јули одржа состанок со нив на кој беа отворени неколку актуелни теми кои се исклучително важни за перспективата на локалните медиуми. Во прв ред колегите беа информирани за проектот за делумно ослободување на придонесите за медиумите односно за медиумските работници. Проект кој ќе треба да добие сесрдна поддршка од сите инволвирани во индустријата, но и сите валидни политички субјекти. ССНМ смета дека тоа е еден од начините за помош, преживување на постојните и заживување на нови и модерни изрази на новинарство.
Со колегите беше отворено и прашањето на Колективни договори, и колку тие би биле целисходни за нашето медиумско поднебје во смисла на подобрување на условите за работа на сите ангажирани. Дел од претставниците на медиумите од Прилеп искажаа подготвеност да започнат процес на преговори за потпишување на Колективни договори, а Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници зеде обврска да подготви верзии на договорите кои ги унапредуваат условите за работа, а тие да бидат прилагодени на малите и на локалните медиуми.
На средбата беше присутна и претседателката на синдикалната Женска медиумска мрежа „Еднаква“, Марија Митевска која информираше за оформувањето на мрежата која води сметка за родовата еднаквост во медиумите, и за сите аномалии што постојат во односите во нашите медиуми. Митевска ги повика присутните да се приклучат на секцијата, и заедно да се обидат да ги остваруваат правата, но и да се борат со „табу“ темите во општеството со акцент на медиумите.