Во одлична атмосфера, прекрасни музички настапи и илјадници насмеани посетители, успешно се заокружи и последната вечер од Пиво фестивалот во Прилеп. Изминатите денови уште еднаш потврдија дека Прилеп знае да биде домаќин на големи манифестации кои обединуваат, носат позитивна енергија и создаваат спомени што долго ќе се паметат.
На денешната прес конференција, градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски истакна дека целта која била зацртана пред почетокот на фестивалот, а тоа е да се видат среќни лица низ центарот на Прилеп е исполнета.
„Согласно моето убедување, ги постигнавме сите цели кои си го поставивме пред да почнеме заедно со организаторите да го спремаме овој фестивал. За мене најважно како градоначалник е тоа што во овие 3 дена видовме среќни лица на просторот каде се одржуваше фестивалот и сметам дека императивот е постигнат. Успеавме прилепчани да ги одвоиме од електронските уреди, да ги донесеме во центарот на градот, да слушаат добра музика, да се напијат добри ладни пијалоци кои беа понудени од угостителите и се разбира ја вкусија најдобрата храна која може да ја понуди Македонија, а тоа е прилепската скара. Тоа ни беше основната цел, да ги направиме луѓето посреќни, да го разубавиме нивното секојдневие, да дадеме една друга димензија на летото и мислам дека целта е остварена“, рече Проданоски.
„Во текот на овие 3 фестивалски денови, покрај просторот на кој беше организиран фестивалот, сите сместувачки и угостителски објекти во градот беа полни, се чувствуваше сериозна раздвиженост. Продефилира сериозна бројка на народ, ги предизвикавме сите граѓани на Република Македонија и нашите иселеници да бидат на овие 3 фестивалски денови. Според податоците од угостителите, бројките се најмалку двојно зголемени во споредба со минатите години. Но најважно од се е што прилепчани беа среќни во изминатите 3 дена“, додаде Проданоски.
Јавните комунални претпријатија беа на висина на задачата, секој фестивалски ден започнуваше со чист простор во центарот на градот. Исто така треба да се истакне дека ова издание на Пиво фестивалот е најбезбедното досега, без ниту еден регистриран инцидент од страна на полицијата.
„Јавните комунални претпријатија беа на висина на задачата, после секоја фестивалска вечер отпадот беше одложен, просторот исчистен и измиен и од раните утрински часови беше подготвен за следниот фестивалски ден. Она што е клучно, според полицискиот билтен, овој беше најбезбедниот фестивал, иако продефилираа многу луѓе, во полицискиот билтен не е запишан ниту еден настан кој се однесува на прекршување на јавниот ред и мир, ниту настан кој ги прекршил сообраќајните правила кои беа вонредно поставени на улиците на општина Прилеп. Значи оценката е дека имавме исклучително добар фестивал, што за нас како Општина Прилеп претставува само уште еден поттик догодина да имаме уште поуспешен и попосетен фестивал од овој годинава“, истакна Проданоски.
Од целата организација, но и од енергијата која што владееше во текот на овој викенд во Прилеп задоволни се и изведувачите кои настапија на главната сцена, но и на алтернативната сцена на Камена бина.
„Поминавме 3 дена исполнети со многу позитивна енергија, многу забава, тоа го видоа граѓаните на Прилеп и сите гости кои беа дојдени. Музичарите кои учествуваа на овој фестивал, дел и за прв пат, беа многу задоволни од организацијата, се чувствуваа доста пријатно, но и од енергијата која беше на едно повисоко ниво, што е многу битно за еден уметник. Значи прилепчани се покажавме како добра публика, им оставивме добар впечаток“, рече водителот на ова издание на Пиво фестивалот, актерот Илија Волчески.
Организаторите ветуваат уште подобро и поуспешно издание на наредниот Пиво фестивал, односно создавање на уште една прекрасна приказна за Прилеп.