Македонија, како и во претходните 10 години, се уште се наоѓа во групата на делумно слободни земји – покажува најновиот извештај на Фридом Хаус.
Во извештајот под наслов “Демократија во повлекување”, на Македонија и е дадена оценка под златната средина за слобода на општеството, односно од максималната 7, Македонија е оценета со 3. Во делот за политички права оценета е со 4, додека во делот околу граѓанските слободи има оцена 3,5.
Со вкупен скор од 59 поени Македонија годинава се наоѓа во друштво на земји како Украина, Молдавија, Хонг Конг и Буркина Фасо.
Од земјите на западен Балкан, Македонија подобар резултат има само од Босна и Херцеговина и Косово, додека Србија од слободни влезе во групата на делумно слободни држави. Најдобро рангирана е Грција со 87/100, по што следат Хрватска 85/100, Романија 81/100, Бугарија 80/100, Албанија 68/100, Србија 67/100, Црна Гора 65/100, Македонија 59/100, Косово 54/100 и Босна и Херцеговина 53/100.
Од 196 држави во светот опфатени со извештајот, 86 се слободни, 59 се делумно слободни, а 50 не се слободни. Најслободни држави се Норвешка, Шведска, Финска, Канада и Холандија, а најмалку слободни се Сирија, Туркменистан, Еритреја, Јужен Судан и Северна Кореја.
„Фридом хаус“ оценува дека глобално слободата и демократија веќе 13-та година по ред има тренд на намалување. Пад има во разни земји во сите региони во светот, од долгогодишни демократии како што се САД, до цврсти авторитарни режими како Кина и Русија.