Љубење со стихови за денот на љубовта и виното – поeтски перформанс на Лина Димоска и Филип Димкоски


Утре,  14 февруари од 20.00 часот во кафе-галеријата Лувр во Прилеп, ќе се случи второто издание на поeтскиот перформанс „Љубење со стихови“ кој го подготвуваат авторите Лина Димоска и Филип Димкоски.

На овој датум, некој го слави Св. Трифун, а некој Св. Валентај, а ние решивме да направиме добар спој меѓу љубовта, виното и поезијата. Ако најголемиот музеј во светот Лувр се наоѓа во Париз, а Париз е градот на љубовта, тогаш денот на љубовта ќе  го славиме во кафе-галерија Лувр во Прилеп- велат организаторите.

Низ поезијата на Конески, Андреевски, Јоциќ, Јаневски, Котевски, Алексиќ-Станојловиќ, Гајтаноски, Божиновски, Ивановиќ и Велковска, но и низ стиховите на домаќините Лина Димоска и Филип Димкоски ќе навлезете во интимниот свет на лириката и ќе им се препуштите во кругот на убавината.

Филип Димкоски е македонски поет, преведувач и новинар. Автор е на пет поетски книги, а неговата поезија е преведена на петнаесетина јазици. Преведува од српски, хрватси, бугарски и руски. Добитник е на повеќе домашни и меѓународни награди, а во 2019 ја доби дипломата „3 Ноември“ на Град Прилеп за афирмација на македонскиот јазик и образованието. Член е на Здружението на новинарите на Македонија, Друштвото за наука и уметност на Прилеп, Клубот на литературните творци на Прилеп  и Слоу Фуд Прилеп. По професија е дипломиран земјоделски инженер.

Лина Димоска е поетеса и писателка. Пишува за возрасни и за деца. Авторка е на една поетска книга и една новела. Наскоро од печат ќе излезе нејзината прва книга за деца. Рецитира и пишува и членка е на Клубот на литературните творци на Прилеп, од неговото основање. По професија е дипломиран економист.


Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира