Претседателот на Собранието, Талат Џафери синоќа го потпишал решението за распишување на предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 15 јули 2020 година. Решението е испратено до ДИК, до Министерството за надворешни работи и Министерството за правда, со што се запазуваат роковите за деновите утврдени во Уставот.
„Имајќи ги предвид наметнатите, неприродни услови со ковид-19, кои го одложија спроведувањето на предвремените парламентарни избори претходно закажани за 12 април 2020, известувам дека имаме нова ситуација. Имено, како што ви е веќе познато, политичките лидери постигнаа договор за закажување на нов датум за одржување на предвремените парламентарни избори. Консензуалниот датум на власта и опозицијата е 15 јули 2020. Овие избори ќе бидат невообичаени по тоа што нема да има вообичаена изборна кампања, меѓутоа, тоа што е поважно и на кое ќе мораме сите да се придржуваме на најдисциплиниран начин се мерките и препораките на Министерството за здравство, со цел да се заштити здравјето и животот на граѓаните“, рече Џафери.
Најголемите политички партии во земјата СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ по речиси двомесечни напори вчера конечно постигнаа договор околу датумот за предвремените избори.
Моментално Македонија е во петта вонредна состојба, што вчера ја прогласи Пендаровски, со цел да се овозможи непречена подготовка на изборите.
![](https://infokompas.com.mk/wp-content/uploads/2020/01/Matador-banner-300-149.jpg)