Во изведба на „Театарска работилница Прилеп“ синоќа во народниот театар „Војдан Чернодрински“ беше прикажана претставата „Алан Форд и група ТНТ во Тотална измама“. Идејата за претставата започнала уште пред неколку години во Загреб. Режисерот Игор Трпчески таму пронашол работна верзија на текстот во драматизација на Дарио Харијачек. Текстот бил преведен и оваа година добиле средства од Министерството за култура за реализација на овој проект.
Пораката на претставата произлегува од социјалните случувања насекаде во светот, како што се на пример бегалците. Трпчески вели дека ова е претстава за сите бегалци во целиот свет. Тој додава дека светот треба на сите нив да им подаде рака. Политичките пораки пак кои се упатуваат со претставата биле еднакви за сите држави и простори во светот.
Во претставата освен професионални актери глумат и аматери, дури и луѓе кои за прв пат се вклучуваат во глумата и театарот, кои имаат сосема различни професии од актерството.
Инаку ова е 5-та по ред претстава на „Театарска работилница Прилеп“. Режисерот Трпчески се надева дека во иднина Министерството за култура ќе финансира повеќе претстави на алтернативните и независни групи за да може да има баланс помеѓу националните театри и овие проекти.
Еден од актерите, Емил Солески, по професија е скулптор и за прв пат учествува во една претстава. Во овој проект пред се влегол како сценограф, но потоа се приклучил на актерската екипа. Вели дека е врсник со стрипот Алан Форд чие прво издание излегува во мај 1969 година и истакнува дека му е особено драго што е дел од една ваква екипа и еден ваков проект.
Повеќе од разговорот погледнете во видеото.