Несторовски повторно блеска во Палермо

Илија Несторовски повторно имаше клучна улога во новата победа на Палермо, а добра вест за македонскиот голгетер беше тоа што го прекина постот од еден месец без постигнат гол, период во кој пропушти и два натпревари поради црвен картон.

 

Илија одигра уште еден одличен натпревар за Палермо во синоќешната победа на гостувањето кај Карпи 3-1, во италијанската фудбалска Серија Б. Македонскиот репрезентативец и капитен на Палермо ги постигна првите два погодоци и асистираше при третиот погодок. Несторовски има шест погодоци и две асистенции на осум првенствени средби сезонава.

 

Италијанските медиуми повторно со многу комплименти говорат за играта на македонскиот репрезентативец Илија Несторовски и по вчерашното гол-шоу против Карпи, Палермо го преименуваа во Несторовски-тим.

 

„Постигна два гола, џиновски за Палермо, во моменти кога тимот немаше победа 4 кола по ред. Потоа и помагаше на одбраната да не дозволи да попушти под притисокот на Карпи, а потоа мајсторски го проигра Емболо за печат на победата. Вчера Палермо беше Несторовски-тим“, пишува „Медиагол“.

 

И тренерот Бруно Тедино очекувано го истакна капитенот на Палермо како движечка сила на тимот.

 

„Несторовски? Секогаш имам голема доверба во него, тоа е играч кој има огромен квалитет. Едноставно има моменти кога не можете да постигнете гол, но тоа може да им се случи на сите, и на Меси, Роналдо и Суарез. Но ние сме свесни за тоа дека фазата околу реализацијата треба да сочинува и други играчи, не само да чекаме од Илија“, истакна Тедино по гостинската победа на сицилијанците.

 

По победата на социјалните мрежи се огласи и Несторовски.

 

„Натпреварот е завршен, горд сум овие лавови, голем карактер и реакција на гордоста, чест и гордост е да се бранат овој дрес и овие бои. Форца Палермо“, вели напаѓачот во пораката на „Фејсбук“.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien