Мадрид ја превзема власта во Каталонија

Барселона се освестува после вчерашната унилатерална прокламација на независност и прогласување на Република.

 

Шпанскиот премиер Маријано Рахој изутринава официјално му ги одзеде овластувањата на Пуџдемон. Разрешени беа и останатите членови на регионалната влада. Шпанскиот сенат со активирање на членот 155 вчера го отвори патот за разрешување на каталонската влада и за одржување нови избори во регионот на 21 декември.

 

Со регионот до изборите  ќе управува вицепремиерот на Шпанија, Сораја Саенс де Сантамарија. Таа ќе ги координира шпанските министерства кои ќе ги преземаат функциите од каталонските институции, вклучувајќи ги и за финансии и за безбедност. Де Сантамарија, исто така, ќе именува и претставници кои на дело ќе ги спроведуваат налозите од Мадрид.

 

Од функцијата се сменети и двајцата шефови на каталонската полиција, Пере Солер и Жозеп Луис Траперо. Агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на интерен полициски документ, јави дека каталонската полиција ги повикала своите вработени да се однесуваат неутрално во судирот со Шпанија околу независноста.

 

Шпанскиот Јавен обвинител пак планира да покрене обвиненија за бунт против одговорните политичари кои изгласаа независност на Каталонија, соопшти канцеларијата на Обвинителството.

 

Обвинителот разгледува дали да се покренат обвиненија само против каталонската влада, вклучувајќи ги лидерот на автономната област Карлес Пуџдемон и вицепремиерот Уриол Жункерас, или да бидат опфатени и членови на раководството на каталонскиот парламент, како и пратеници, истакна портпарол на шпанското Обвинителство. Шпанскиот закон предвидува казни до 25 години затвор поради бунт, со полесни пресуди доколку бунтот не предизвикал насилство.

 

„Господинот Пуџдемон имаше можност да ја поврати законитоста и да свика избори. Тоа е она што го бараше мнозинството Каталонци, но не го направи тоа. Затоа шпанската влада ги презеде овие неопходни мерки“, објави обвинителството.

 

Разрешениот каталонски премиер Карлес Пуџдемон и натаму не се предава. Тој  го повика населението во регионот на мирен отпор против Мадрид.

 

„Наша волја е да работиме и натаму, и покрај актуелните тешкотии“, изјави тој денеска во својот прв говор по симнувањето од власт и повика на „основање слободна земја“.

 

Неизвесноста за тоа што ќе се случува понатаму е голема.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien