Пучдемон ќе се обрати од Брисел, не се исклучува можноста да бара азил

Сменетиот каталонски лидер Карлес Пучдемон ќе одржи конференција за медиуми во Брисел. Во светските медими сè погласно се пишува дека тој ќе побара политички азил.

 

Пучдемон вчера замина во Брисел, истиот ден кога шпанското обвинителство објави дека ќе покрене обвинение за бунт против него и уште неколку каталонски министри.

 

Пучдемон е во Брисел и не се крие, изјавил неговиот адвокат Пол Бекарт, кој не ја отфрла можноста Пучдемон да бара азил во Белгија.

 

„Тој ги има сите права да биде таму, против него не се води никаква постапка“, изјавил Бекарт за фламанското државно радио.

 

Прашан дали Пучдемон планира да бара азил во Белгија, Бекарт одговорил дека сите опции се отворени, но, оти сè уште ништо не е одлучено, пренесува „Би-би-си“.

 

Белгија им дозволува азил на граѓани од други европски држави, а во минатото некои баскиски сепаратисти не биле екстрадирани во Шпанија додека барале азил, што предизвикало повеќегодишна напнатост меѓу двете земји.

 

Белгискиот државен секретар за миграции и азил Тео Франкен, од партијата НВА која се залага за осамостојување на белгиската федерална област Фландрија, претходно најави дека Пучдемон и неговите сменети министри би можеле да добијат азил во Белгија, но тоа го негираше белгискиот премиер Шарл Мишел кој кажа дека тоа „апсолутно не е на дневниот ред на владата“ во Брисел.

 

Со цел да добијат азил во Белгија, сменетиот каталонски лидер и уште пет сменети министри мора да докажат дека се жртви на тежок прогон и дека им се заканува сериозна опасност.

 

Шпанската централна влада ја презеде директната контрола над Каталонија во понеделник и ги замени отпуштените функционери. Исто така, суспендирана е автономијата на овој регион, а побарани се нови избори откако Пучдемон и неговата влада прогласија независност на Каталонија минатата седмица.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien