Аргентина ja заврши спасувачката акција по исчезнатата подморница

Запрена е потрагата по подморницата „Сан Хуан“ со 44 членови екипаж, која исчезна на 15 ноември, соопшти аргентинската морнарица.

 

Надежта за пронаоѓање преживеани згасна по две недели, откако беше пријавена потенцијална експлозија во близина на последната позната локација на подморницата, јави Би-Би-Си.

 

Портпаролот на морнарицата Енрике Балби одлуката ја објасни со тоа што спасувачката мисија веќе била двојно продолжена во однос на проценетиот број на денови во текот на кои екипажот би имал шанса да преживее. Сепак, тој не можеше потврди дали загинале, бидејќи делови од подморницата не се пронајдени во областите кои беа пребарувани.

 

„Покрај големите напори, не е можно да се лоцира подморницата“, изјави Балби.

 

Кај членовите на семејствата на исчезнатите морнари има различни реакции. Некои се гневни поради тоа што морнарицата ги лажела веќе седум дена дека постои надеж нивните најблиски да бидат спасени, а други уште веруваат и се молат за чудо.

 

Четири денови по исчезнувањето, аргентинската Морнарица соопшти дека биле детектирани седум куси сателитски повици, за кои е оценето дека веројатно членовите на екипажот се обидувале да воспостават контакт.

 

Подморницата беше на рутинска мисија, на половина пат од својата рута од крајниот југ на Аргентина до базата на аргентинската морнарица Мар дел Плат, јужно од Буенос Аирес. Командантот на базата Мар дел Плат, адмирал Габриел Гонзалез, тврди дека подморницата имала залихи со храна и кислород.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.