Пилотот на „невидливиот“ американски бомбардер Ф-117 Дејл Зелко, кого српската противвоздушна одбрана го урна на четвртиот ден од НАТО бомбардирањето во 1999, за Нешнал џиографик зборуваше за тоа како го преживеал соборувањето.
Тој раскажа и како бил извлечен во најголемата спасувачка акција од Виетнамската војна во серијалот насловен „No Man Left Behind“.
Зелко полетал од базата во Италија на 27-ми април и тргнал од северот на Србија кон Белград каде што фрлил две бомби од по 900 килограми. Во текот на летот, тој вели дека имал некакво лошо претчувство кое што го следело целото време.
„Откако ќе го пуштите „стелт“ модот, невидливиот авион не може да комуницира со базата и знаев дека моите нема да знаат ако нешто ми се случи“, раскажа тој.
Откако ја погодил метата, планирал да се врати во базата. Но, тогаш против-воздушната одбрана на Србија започнала да ги лансира ракетите. Неколку од нив успеал да ги избегне, но потоа една го погодила крилото од авионот. Авионот започнал да паѓа, а Зелко не можел да се катапултира веднаш.
„Се ми пројде низ глава. Мојот живот, семејството, сликата како тагуваат над моето мртво тело, авионот кој што паѓа. И одеднаш се најдов во седиште кое што паѓа. Некако успеав да се катапултирам и започнав да се спуштам со падобранот. Тогаш само размислував за тоа дека српските војници веќе ме чекаат“, раскажува американскиот пилот.
Зелко откри дека се спуштил меѓу две села, триесетина километри од Белград. Паднал во нива и се скрил во канал за наводнување. Вели дека го вклучил уредот и почнал да бара ГПС сигнал.
„Ми олесна кога успеав да воспоставам врска со базата. Со часови бев во каналот. Во далечина се слушаа возила, хеликоптер. Одеднаш слушнав дека некој е покрај мене. Видов куче на петнаесетина метри од мене. Го зедов мојот нож и чекав. Но, кучето се сврти и замина“, раскажува Зелко.
Кога долетал хеликоптерот од Тузла, тој имал проблеми – уредот за инфрацрвен сигнал се расипал, а на радио врската можел само да слушне „јави се, не те гледаме“.
„Скокнав од каналот и испалив сигнална ракета. Чекав кој ќе ме фати прв. Дотрчаа двајца војници. Не знаев чии се тие војници се додека не ми проговорија на англиски јазик. Утредента ѝ се јавив на мојата ќерка и ѝ го честитав 10-тиот роденден. Дури тогаш сфатив дека ме спасиле“, раскажува Зелко.
Дејл Зелко ја посети Србија во 2012 година. тој тогаш во Ковин му беше гостин на Золтан Дани, офицерот кој во 1999 го собори заедно со својата единица. Средбата беше организирана пред премиерата на вториот дел од филмот за соборувањето на Ф-117 и дружењето на двајцата војници кои беа на спротивставени страни.