Рекордни снежни врнежи и бран на поларен студ ја погодија Северна Америка. Температурите на одредени места достигнаа рекордни минус 50 степени Целзиусови.
Северна Дакота е позната по своите ладни зими, а вчера живата на термометарот падна на минус 21 степен. Властите наложија да бидат запрени сите активности кои се изведуваат на отворено и побарано е луѓето да не излегуваат од своите домови без потреба. Гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо, ги предупреди луѓето да бидат внимателни за време на овој поларен бран, кој се очекува да трае до 2 јануари. Во северниот дел на државата, температурите се очекува да паднат до -40 степени Целзиусови.
Недалеку од Нијагарините водопади и речиси до границата со Канада, во градот Ири, кој се наоѓа на најсеверната точка во Пенсилванија, само за 48 часа наврна снежна покривка од 1,5 метри. Врнежите од снег беа проследени од силни ветрови. Локалните власти прогласија вонредна состојба и ги повикаа луѓето да не ги напуштаат своите домови.
Метеоролозите наведоа дека рекордот од 22 ноември 1956 година со 51 см снег, е надминат на божиќниот ден годинава, кога само за 24 часа во Ири се натрупа снежна покривка од 86 сантиметри.
Студениот бран е уште поекстремен во Канада, каде што во северниот дел на Онтарио се очекува температури од минус 50 степени Целзиусови. Според тамошните метеоролози сепак, вонредна појава не се екстремно ниските температури, туку површината на која тие се распространети и времетраењето на исклучително студеното време.
Предупредувања за опасно студено време се дадени за провинциите Квебек, Онтарио, Манитоба, Саскачуан и Алберта. Таму температурите паднаа и се очекува да продолжат да паѓаат далеку под вообичаените за овие места минус 10 до минус 20 степени Целзиусови.