Детскиот фонд на Обединетите Нации, УНИЦЕФ, соопшти дека нападите врз деца во конфликтните зони низ светот достигнале „шокантни“ нивоа во 2017 година.
Напаѓачите бесрамно го занемаруваат меѓународното право кое е осмислено за да ги заштити најранливите, се наведува во соопштение на УНИЦЕФ.
„Децата се мета и се изложуваат на напади и насилство во нивните домови, во училиштата и на игралиштата. Светот не смее да отрпне на тие напади и таквата суровост не смее да стане нормална“, изјави директорот на програмата на УНИЦЕФ за вонредни состојби Мануел Фонтаин.
Според УНИЦЕФ, децата се користат како жив штит, ги убиваат, осакатуваат и регрутираат за борби. Силувања, присилни бракови, киднапирање и поробување станаа стандардни тактики во судирите во Сирија, во Јемен,во Нигерија и во Мјанмар.
Извештајот посочува неколку зони на конфликт за кои е наведено дека минатата година децата трпеле големи злосторства:
- Во Централноафриканската Република деца биле убивани, силувани, киднапирани и регрутирани од вооружени групи во драматично зголемено насилство.
- Исламистичките милитанти од Боко Харам принудиле 135 деца во североисточна Нигерија и Камерун да служат како бомбаши самоубијци, што е скоро пет пати поголема бројка од 2016 година.
- Муслиманските деца Рогинги во Мијанмар трпеле „шокантно и распространето насилство“ додека биле отстранувани од своите домови во провинцијата Ракине.
- Во Јужен Судан, повеќе од 19.000 деца биле регрутирани како вооружени сили и вооружени групи.
- Во борбите во Јемен најмалку 5.000 деца загинале или се повредени според официјални бројки, додека очекувано е вистинската бројка да биде многу повисока.
- Во источна Украина 220.000 деца живеат под постојана закана од мини и други направи кои не експлодирале кои се останати од војната.
Милиони деца станаа жртви на тие судири, страдајќи од неухранетост, болести и повреди, додека од друга страна поради борбите оневозможени им се основните услуги како пристап до храна, вода, здравствена заштита и санитарни услови.
„УНИЦЕФ ги повикува сите страни од конфликтите да се придржуваат до нивните должности според меѓународното право и веднаш да престанат со насилството кон деца и таргетирање на цивилна инфраструктура, помеѓу кои и училишта и болници. УНИЦЕФ исто така ги повикува државите кои имаат влијание врз страните во конфликтите да го искористат нивното влијание за заштита на децата“, се додава во извештајот.