Градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски, денеска му додели пофалница на македонскиот репрезентативец во нордиско скијање Ставре Јада од Крушево, за освоената А олимписка норма за олимпискиите игри кои оваа година ќе се одржат во Пјеонгчанг, Јужна Кореја.
„Упатувам голема благодарност до Општина Крушево за оваа пофалница која ми претставува дополнителен мотив за постигнување на нови успеси во нордиското скијање и биатлонот. Во наредниот период ме очекуваат 5 до 6 балкански натпревари во нордиско скијање и 4 европски првенства во биатлон. Првото е во Словачка каде заминувам утре“, истакна Ставре Јада македонски репрезентативец во нордиско скијање.
Градоначалниикот на Крушево, Томе Христоски, рече дека ова е голем успех Ставре, за Крушево и за Македонија и дека локалната самоуправа ќе продолжи со понатамошна поддршка на спортот и спортистите од Крушево.
„Ова е голема чест за нас како Општина што Ставре Јада е првиот Македонец со исполнета А норма за едни олимписки игри. Упатувам исто така и големи честитки и до претседателот на клубот „Олимпик Скии“ од Крушево и претседател на Комитетот за биатлон и нордиски дисциплини на Скијачката федерација на РМ Васко Соколоски и посакувам ваквите успеси да ги има се повеќе. Крушево е расадник на скијачи во Македонија и ние како локална самоуправа ќе направиме се за да го задржиме тој примат. Идните планови на општината за поголем развој на овој спорт се изградба на неколку нови стази во нордискко скијање, а во моментов се прават и анализи и планови за изградба на нов ски центар на месноста „Мусица“, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.